Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска е во работна посета на Република Албанија, каде оствари работна средба со министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа. На средбата беше констатирано дека досегашната соработка е на високо професионално ниво, со тенденција за унапредување преку склучување на договори и протоколи за соработка.
„Со министерот Хоџа разговаравме на теми коишто се од заеднички интерес за нашите граѓани. Прва тема беше воспоставување на „One Stop Shop” систем којшто ќе овозможи побрз трансфер на патници во рамки на граничните премини коишто ги имаме со Република Албанија. Тој систем веќе е во напредна фаза на имплементација со Република Србија, така и со Република Косово се со цел да го забрзаме протокот на патници на овие гранични премини, со максимално намалување на времето на трансферирање на патниците од овие држави. Разговаравме и за можноста нашите полициски служби да продолжат со континуирани посети коишто ги имаме во рамки на летната сезона и албански полициски службеници патролираат во рамки на туристичките зони коишто ги имаме во Македонија, а македонски полициски службеници патролираат во туристичките зони во Албанија, со цел подобрување на условите за нашите граѓани. Секако, фокус на средбата ставивме и на оперативните аспекти на двете министерства во борбата против транснационалниот организиран криминал, илегална миграција и криумчарењето на лица”, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот за внатрешни работи на Албанија, Ервин Хоџа го потенцираше заедничкиот проект за рехабилитација и реконструкција на граничниот премин Блато-Спас и управување на границите на двете земји со финализирање на веќе дискутираниот и изготвен договор за одржување на граничните ознаки со нашата земја.
Двајцата министри ја потврдија подготвеноста за продлабочување на билатералната и оперативна соработка помеѓу двете министерства, како и заложбите за унапредување на традиционално добрите добрососедски односи и регионалната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во Југоисточна Европа и заедничкото учество во регионалните иницијативи.