Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски денеска на брифинг со новинарите даде свој став по вчерашната кривична пријава поднесена против него, но и против пет вработени лица во општината.
Јакимовски тврди дека во целата ситуација нема ништо спорно, дека се работи за легализација на веќе постоечки теренски терени на хотелот Александар Палас.
„Со оваа кривична пријава која МВР помпезно ја најави во јавноста доведени сме во ситуација да објаснуваме дека „воздухот е безбоен“. Што има Фершпед? Го има Александар Палас, а Александар Палас има спортски терени кои ги користи 30 години. Што направила општина Карпош? Ги легализирала спортските игралишта кои ги користи Александар Палас.
Што е важно во овој случај да се знае? Важно е дека законот вели „се легализира се она за што се издава одобрение за градба“. Спортските терени на Александар Палас имаат одобрение за градба уште од 1999 година од Влада на ВМРО-ДПМНЕ и истите се изградени по таа скица и за тоа се платени комуналии. Тоа што друго е важно, е што овие објекти се сопственост на Александар Палас, но во тој период не биле запишани во Катастар, па се воделе како „сопственост со незапишани права“. Бидејќи дозволата им била истечена, во 2016 година одлучиле да ги впишат во Катастар користејќи го Законот за легализација и покренале постапка за негова легализација. За легализацијата општината му наплаќа по втор пат комуналии, сега 170.000 евра. Важно е да се знае дека земјиштето не е државно, туку е дадено на користење на Фершпед од страна на државата со надоместок. Повторно тоа го направила влада на ВМРО-ДПМНЕ“ вели Јакимовски.
Според него, Министерството за внатрешни работи кое и подносител на пријавата, не ја познава материјата и не знае што е „времен објект“.
„МВР тврди дека објектите се времени, а јас морам да им кажам дека слабо ја познаваат оваа материја. Ако објектите се времени, на документот треба да стои „Решение за поставување на времен објект“, а овие терени не се времени затоа што на нив се прави градба. Тоа е исто како кога градите куќа, паркингот што го правите надвор се води како вон етажен упис во Катастарот. Исто така многу е важно да се знае дека законодавецот смислил повеќе нивоа на одбрана од евентуална можна грешка при процесот на легализација. Прво, геодетот што го правел елаборатот не можел да отпочне со изработка на геодетски елаборат ако кај него во правилникот не стојат ваков тип на објекти. Второ, кога легализираните објекти ги предаваме во Катастар тогаш прво предметот го гледа геодет и гледа дали е се согласно закон, а потоа го гледа нивен правник. Ако предметот има било каков проблем со законитоста Катастар ќе го даде на поништување, на доработка, или ќе побара носење на нови документи. На крајот, Градот Скопје ги пресметува комуналиите. Ако има било каков проблем Градот ќе сигнализира“ вели градоначалникот на Карпош.
Јакимовски во ова гледа политички притисоци од власта.
„Јас и моите колеги одговорно тврдиме дека овде постапката е спроведена согласно законските прописи и дека нема никаков правен пропуст и дека ова е само еден обичен обид политички да се влијае пред локалните избори. Тука не се цел на напад моите пет колеги кои се наведуваат, туку јас како градоначалник. Во исто време сакам да кажам овие мои колеги што работат за 30.000 денари апсолутно е нечовечки да им се валкаат нивните имиња, да се вознемируваат нивните семејства, да им се прават стресови како што им ги направија…Ние сакаме што е можно побрзо да седнеме со обвинителството и да го расчистиме овој случај, а колегите кои што работеле на сите овие предмети инсистираат дека нема повеќе да работат на предмети за легализација додека овој предмет доставен од МВР до обвинителството да се расчисти, односно додека не се докаже вистината“ рече градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.