Рано утринава на Клиниката за детски болести во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, почина 14-месечно девојче. Според информации од вработени на клиниката и изјава од таткото на починатото бебе, родителите повеќе пати го носеле детето во болницата, но им било одбиено хоспитализирање пишува Слободен печат.
Таткото на детето, Р.С., изјави дека и покрај влошената состојба, девојчето било пуштано дома без потребниот третман. По неуспешните обиди за хоспитализација, родителите го однеле во Клиниката во Козле, каде состојбата се влошила, по што било примено на интензивна нега на Детската Клиника. Таму, бебето подлегнало на последиците од бронхопневмонија масива, и покрај напорите на лекарите.
Вознемирениот татко откри дека поседува видео снимка во која еден од лекарите потврдил дека детето можело да биде спасено ако било навремено хоспитализирано. Во момент на голем емоционален стрес, таткото го скршил компјутерот на клиниката, по што интервенирала полицијата. Таткото изрази подготвеност да ги гони одговорните за оваа трагедија преку судски пат.
Клиниката и директорот, доктор Реџеп Мемеди, потврдија дека органите работат на утврдување на причините за смртта и дека телото на бебето е дадено на обдукција.