Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, е во дводневна работна посета на Ливерпул, Обединето Кралство, каде што оствари средби со градоначалникот на Ливерпул и со истакнати претставници од британски културни институции, во насока на искуства за организацијата на „Скопје – европска престолнина на културата 2028 година”.
На средбата со Клер МекКоган, директорка на „Култура на Ливерпул” надлежна за повеќе сегменти од културната политика, на која беа претставени искуствата на Ливерпул во организацијата на големите културни настани, беше нагласено дека подготовките за „Европска престолнина на културата” се можност за градовите да стекнат општествени и економски придобивки и да бидат повидливи на меѓународната сцена.
Министерот Љутков се сретна и со градоначалникот на Ливерпул, Стив Ротерам, кој од аспект на локалната самоуправа, го претстави позитивното искуство на градот во организирањето на проектот „Ливерпул – европска претстолнина на културата” и ја искажа својата подготвеност да помогне во организацијата на „Скопје – европска престолнина на културата 2028″. Министерот Љутков се заблагодари за поддршката, изразувајќи уверување дека Скопје успешно ќе се справи со предизвикот во 2028 година да биде добар домаќин и ќе ја оправда оваа престижна титула.
На средбата со градоначалникот на Ливерпул, министерот Љутков ги претстави приоритетите на Министерството за култура и туризам, напомнувајќи ги заложбите во сферата на креативните индустрии како гранка која носи економска корист, со уверување дека соработката со Британскиот совет и со други организации од Обединетото Кралство ќе продолжи и во иднина. Со оглед на интеграцијата на туризмот во македонското Министерство за култура и туризам, на средбата со градоначалникот Ротерам беа разгледани можностите за воспоставување соработка во насока на засилување на културниот туризам.
Ливерпул е познат како „Град на музиката” на УНЕСКО, па на средбата со директорот Кевин Мекманус стана збор за искуствата во промоцијата на културното и музичкото наследство во контекст на меѓународната промоција.
Министерот Љутков се сретна и со Алиша Смит, која го води „Тимот за уметност и учество на Ливерпул”, која ги претстави националните примери на добра практика и своето лично искуство од пред речиси две децении во организацијата на манифестацијата „Европска престолнина на културата”. На средбите со Сара Фишер, извршна директорка на галеријата „Отвори око”, со Ен Твајт, директорка на Фестивалот за арапски уметности во Ливерпул (LAAF) и со Шарлот Кори, директорка на „Отворена култура” – мрежа за култура на Ливерпул, стана збор за организирањето на значајни настани, кои претставуваат промоција на националните култури.
Министерот Љутков е во Ливерпул на покана од Британскиот совет и директорката Клер Сирс, бидејќи овој британски град има искучително значајно искуство во организацијата на уметнички претставувања.