Годишната стапка на инфлација во Македонија, во септември 2024 година, достигна 2,6 проценти во споредба со тој месец минатата година. Од друга страна, цените на мало се зголемиле за 3,3 проценти, објави Државниот завод за статистика.
– Индексот на трошоците за живот во септември 2024 година, во однос на септември 2023 година, бележи зголемување од 2,6 отсто, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 3,3 проценти – стои во соопштението на ДЗС.
Во објавата, статистичарите наведуваат дека инфлацијата на месечна основа или „мерена преку индексот на трошоците за живот во септември 2024 година, во однос на август 2024 година“, пораснала само 0,3 проценти.
– Зголемувањето на инфлацијата во септември 2024 година, во однос на август 2024 година, е резултат на зголемувањето на трошоците за живот во следниве групи: храна и безалкохолни пијалаци за 1,7 проценти; мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 1,1 отсто; комуникации за 0,9 проценти; разновидни стоки и услуги за 0,5 отсто; образование за 0,3 проценти и здравје за 0,1 отсто – стои во соопштението на ДЗС.
Од друга страна, статистичарите во септември 2024 година, во однос на август 2024 година, забележале намалување на трошоците за живот кај транспортот за 5,3 проценти; рекреацијата и културата за 1,8 отсто; рестораните и хотелите за 0,4 проценти; алкохолните пијалаци, тутунот и наркотиците, домувањето, водата, електриката, гасот и други горива за 0,2 отсто.
Трошоците за живот во групата облека и обувки остануваат на исто ниво како и претходниот месец. Индексот на цените на мало во септември 2024 година, во однос на август 2024 година, изнесува 99,3.