Групацијата ГЕН-И во Кавадарци ја пушти во употреба втората голема соларна електрана во Република Северна Македонија. Електраната со вкупна моќност од 12 MW годишно ќе произведува до 15 500 MWh енергија без јаглеродни емисии, придонесувајќи кон декарбонизација на енергетскиот систем.
Групацијата ГЕН-И ја изгради својата втора голема соларна електрана во земјата, во близина на Кавадарци. На претходно деградирано земјиште од 70.000м², инсталирани се 17 612 фотоволтаични модули, што зафаќаат вкупна површина од 60.000м². Нивната максимална вкупна моќност (во зависност од временските услови) изнесува 12 MW. Во зависност од бројот на сончеви часови, овие модули можат годишно да произведат до 15.500 MWh енергија без јаглеродни емисии. Со оглед на просечната потрошувачка на едно домаќинство, оваа количина енергија ги задоволува потребите на околу 3 400 домаќинства. Ова значи заштеда од 7 574 тони CO2 годишно.
Групацијата ГЕН-И, која како успешен меѓународен трговец со електрична енергија работи на 24 пазари, ги проширува своите активности и во областа на обновливите извори на енергија. Во Словенија веќе имаат изградено повеќе од 10 000 мали соларни електрани, а со проектот во Кавадарци ја пуштија во употреба својата втора голема соларна електрана во странство. Првата електрана ја изградија во октомври 2022 година во Амзабегово, општина Свети Николе, Северна Македонија, со вкупна моќност од 17 MW и производство од 25 000 MWh зелена енергија. Со двете електрани, ГЕН-И сега произведува електрична енергија која ги задоволува потребите на речиси 9000 домаќинства во Северна Македонија.
„ГЕН-И е посветена на создавање на безјаглеродна иднина и заштита на планетата. Веќе долго време сме познати како снабдувач кој на своите потрошувачи им обезбедува електрична енергија, без јаглеродни емисии. Ние сме меѓу водечките енергетски компании во централна и југоисточна Европа, а со проекти како овој во Кавадарци растеме и како инвеститор во обновливи извори на енергија. Во Северна Македонија ваквите инвестиции се сè почести, бидејќи со нив се искористуваат деградирани области за одржливи цели, како што е производството на сончева енергија,“ објасни претседателот на управниот одбор на ГЕН-И, Макс Хелбл. Со втората инвестиција во Република Северна Македонија, Групацијата ГЕН-И го зголемува своето меѓународно портфолио на електрична енергија, произведена од обновливи извори на енергија