Лејла Залихиќ,мајката херој, жителка на Бутуровиќ Поле, е една од оние што ги преживеаја драматичните поплави во Босна и Херцеговина.
Луѓето се спасуваа како што се снаоѓаа. Некој беше качен на покривот на куќата, некој на куполата на џамијата. За тоа најдобро сведочат приказните на самите локални жители, кои не може да се споредат ниту со најстрашните сценарија на холивудските филмови кога се во прашање природните катастрофи, анализира медиумот.
Според написите, Лејла Залихиќ е мајка херој, која скокнала од третиот кат од својата куќа, испливала три километри во пороите и ја спасила својата 13-годишна ќерка за време на катастрофалните поплави што го зафатија Бутуровиќ Поле.
Лејла, ќерка ѝ, сопругот и свекрвата ноќта на катастрофалните поплави завршиле во поплавата, а нивната куќа била уништена.
По страшниот настан, Лејла и ќерка ѝ раскажале што им се случило.
„Мене ме однесе водата. Се вртев во круг и така зедов воздух“, се присетува Лејла.
„Слушнав како некој вика, викаше за помош и го викаше моето име. Мислев – нема кој друг да биде, освен мајка ми или баба ми“, раскажува ќерката на Лејла, Асја, а Лејла додава:
„Јас велам: „Асја, ти си тоа? Таа вели: „Јас сум“. Потоа добив сила, се нурнав меѓу дрвјата. Ме удри во главата, но некако стигнав до неа, цела беше помодрена од студот“.
Ќерката на Лејла, Асја, се присетува како успеала да остане на површината.
„Ставив малку дрва под мене за да не морам да пливам, туку да се одржувам на површината на водата. Во меѓувреме се раздени, па можев да гледам. Потоа поминавме низ шумата. Дождот удри уште посилно, беше студено, беше страшно“, опишува таа.