Трагичен инцидент се случи за време на меѓународен лет на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“, кога капетанот на авионот почина за време на летот над територијата на Соединетите Американски Држави. Авиокомпанијата денеска објави дека авион „Ербас 350“, кој синоќа полетал од Сиетл, САД, кон Истанбул, Турција, морал да ја прекине планираната линија поради ненадејната смрт на пилотот.
Летот започнал нормално, но во еден момент, капетанот на авионот се онесвестил, што предизвикало итна реакција од страна на екипажот. Иако се преземени сите можни мерки и обиди за прва помош, тие за жал биле неуспешни. Соочени со оваа вонредна ситуација, вториот пилот донел одлука летот да биде пренасочен и авионот итно да слета на аеродромот „Џон Ф. Кенеди“ во Њујорк.
По слетувањето во Њујорк, медицински екипи пристигнале на местото на настанот, но, за жал, само ја констатирале смртта на капетанот. Засега нема информации за причините кои довеле до неговата ненадејна смрт, а се очекува дека турската авиокомпанија ќе покрене детална истрага за инцидентот.
Авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ во своето соопштение изрази длабоко жалење за трагичниот настан и упати сочувство до семејството на починатиот пилот.