По повод Меѓународниот ден на електронскиот отпад, Општина Центар во соработка со „Нула Отпад” успешно ја спроведе еко акцијата „Пренеси ја пораката, одиме во лов на електронски отпад”. Целта на акцијата беше подигнување на свеста за важноста на правилното управување со електронскиот отпад и заштита на животната средина, особено меѓу најмладите.
Низ сите основни училишта во општината се поставени зелени контејнери за ситен електронски отпад и батерии, а беа организирани и училишни работилници во периодот од 1 до 14 октомври. Децата се едуцираа за собирање и селектирање на овој вид отпад, при што младите еко-амбасадори ја пренесуваа пораката за одржливост во своите домови и меѓу другарчињата.
Активна е и „Еко линијата” на бројот 070 236 000 граѓаните можат да пријавуваат поголем е-отпад, кој бесплатно се собира и правилно третира.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, се заблагодари на сите учесници на акцијата и ја истакна нејзината важност: „Оваа иницијатива е одличен пример за тоа како сите заедно, преку мали чекори, можеме да придонесеме во зачувување на животната средина. Младите ни покажаа дека со ентузијазам и одговорност можеме да постигнеме значајни резултати. Воедно ги повикувам жителите на Центар да ја искористат еко линијата за бесплатно превземање на непотребната и нефункционална електроника од нивните домови или работни места.”
Општина Центар и „Нула Отпад” ќе продолжат со активности посветени на подигање на свеста и одржливото управување со отпадот.