Бирото за јавна безбедност при МВР денеска од Струмица ја започна кампањата насловена како -„До вас, за вас” чија што цели произлегуваат од стратешката заложба на македонската полиција во рамки на концептот за „Полицијата – сервис на граѓаните.
“Министерството за внатрешни работи, и Бирото за јавна безбедност на чие чело се наоѓам сме цврсто решени, меѓу мноштвото активности што ги планираме во рамки на нашите законски надлежности и обврски во интерес на индивидуалната и општа безбедност, да дадеме приоритет и на ваквиот облик на активности насочени кон поинтензивно зближување на граѓаните кон полицијата, како нивен кредибилен сервис и партнер. Македонската полиција била и ќе биде секогаш на страна на редот и законите, а примарно во интерес на сите наши граѓани”, истакна меѓу другото првиот човек на БЈБ на МВР, директорот Александар Јанев кој што го промовираше почетокот на оваа кампања преку која што граѓаните во наредниот период ќе можат да се запознаат со полициските капацитети, опремата и човечки ресурси, а караванот ќе помине низ сите поголеми градови низ државава.
„Еден од мотивите на оваа активност е , преку крајно транспарентен пристап полицијата да испрати јасна порака до граѓаните, но и до локалните власти, дека таа, како институција, односно сервис на граѓаните е целосно отворена и подготвена за тесна соработка не само во поглед на максималното обезбедување на сигурноста на луѓето и на материјалните и природни добра, туку и во поглед на заедничко детектирање и превентивно делување во сите оние области каде што граѓаните во една локална заедница заедно со полицијата ќе увидат потреба или неопходност од благовремено спречување на одредени негативни појави и трендови“ се наведува во соопштението на МВР.