Бугарскиот претседател Румен Радев не смета дека е потребно какво било посредување меѓу Бугарија и Македонија околу продолжувањето на процесот на интеграција на земјава во ЕУ. Упатува Скопје да води дијалог со Брисел бидејќи Софија веќе не е вистинската адреса. Вели дека состојбата многу добро му ја објаснил и на унгарскиот примиер Виктор Орбан, за кого се појави информација дека би можел на 7 ноември во Будимпешта да ги седне на заедничка маса него и македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Коментирајќи ја изјавата на Мицкоски дека е подготвен кога било и каде било да разговара со него за да се изнајде решение на долг рок, Радев потенцира дека преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија се завршени пред 2 години, а земјата, за да го продолжи својот пат кон ЕУ, треба да води дијалог со Европската комисија.
„Мојот став по тоа прашање е јасен и добро познат. Јас секогаш сум бил отворен за дијалог. Но исклучително важно е да се прави разлика меѓу дијалог и преговори. Тоа се две различни работи. Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година кога двете држави го потпишаа двостраниот протокол врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија, и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на Северна Македонија. Значи, таму треба да се води дијалог, и тоа дијалог за условите кои треба да ги исполни Северна Македонија за да може да ги отопочне преговите за членство во ЕУ. Сите овие работи јас многу добро сум ми ги објаснил и на премиерот Виктор Орбан и тука нема никаква потреба од посредување“ изјави денеска претседателот на Бугарија, Румен Радев.
Според него, работите се и повеќе од јасни. Северна Македонија треба да ги исполни барањата поставени од Европската Унија, а Бугарија, како што рече, може да помага во тој процес.
„И ќе повторам по којзнае кој пат, ние сме подготвени и ние треба да помогнеме. Тоа е нашата одговорност, и тоа да помагаме Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите запишани во двостраниот протокол и во Преговарачката рамка, така што би можеле посигурно да чекорат по европскиот пат“,истакна Радев.