Сијарто: На ЕУ и е потребно освежување со нова енергија од Западнот Балкан

Европската Унија ја губи својата конкурентноста и кога станува збор за глобалната политика и за економија, па затоа и е потребно освежување со нова енергија и нов поттик, кој може да и ги донесе Западниот Балкан, изјави денеска во Луксембург унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто по одржувањето на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија, со што земјата практично ги започна пристапните преговори по кластери.

– Како директни соседи на западно балканскиот регион, знаејќи го богатството на регионот, знаеме дека таа свежина и нова енергија што ни требат дефинитивно доаѓаат од Западниот Балкан. Затоа вистински европски интерес е забрзување на проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан, рече Сијарто на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји.  

Според Сијарто, за остварување на оваа цел мора да се преземат итни чекори за одржување на кредибилитетот на политиката за проширување, која Унгарија ја смета за една од најважните политики на Европската Унија  

– Мораме да сфатиме дека оваа политика го загуби кредибилитетот во последно време, со оглед на фактот дека просечното време на чекање на членство на земјите кандидати од Западниот Балкан сега надмина 15 години. Тоа е едноставно несоодветно, мораме да го забрзаме процесот на проширување, рече Сијарто, потсетувајќи дека проширувањето на ЕУ кон Западниот Балкан е еден од главните приоритети на унгарското претседателство со Унијата. 

Тој потенцира дека проширувањето е процес заснован на заслуги, за што доказ се очигледните достигнувања што ги направи Албанија во последните години во повеќе сфери и ги исполни условите поставени од ЕУ за започнување на вистински суштински преговори.  

Според Сијарто, денешниот старт на преговорите по кластери со Албанија има историско значење за земјата, бидејќи со тоа таа се осигура дека ќе и се приклучи на Европската Унија.  

– Процесот на интеграција може да помогне Западниот Балкан да стане поразвиен, постабилен и побезбеден, па затоа Унгарија е посветена да ја придружува Албанија на нејзиниот пат кон Европската Унија, додаде Сијарто. 

Рама од своја страна изрази задоволство од одржувањето на Меѓувладината конференција со што „Албанија се доближува до Европската Унија“, потенцирајќи дека иако во последно време можеби не е многу препорачливо дружењето со Унгарци, сепак тој дури и во присуство на двајца (Сијарто и Вархеји) се чувствува „навистина добро и безбедно“. 

Албанскиот премиер се заблагодари на унгарското претседателство и на сите земји членки, што по „пет предизвикувачко долги и не секогаш лесни години“, Албанија конечно се најде во позиција да ги почне преговорите по кластери како „многу значен чекор кон членството во ЕУ“. 

Треба да знаете
Последни објави