Свет
Кина: Не се откажуваме од можноста да го вратиме Тајван со сила
Објавено пред 5 часа
– 16 октомври, 2024
Кина нема да вети дека ќе се откаже од употребата на сила против Тајван, но тоа се однесува на надворешно мешање и мало малцинство сепаратисти, соопшти денеска канцеларијата на кинеската влада за Тајван по последните воени вежби околу островот.
Кина, која тврди дека демократскиот Тајван е нејзина територија, во понеделникот организираше големи воени вежби околу островот за кои рече дека се предупредување против „сепаратистичките акции“ по минатонеделниот говор на тајванскиот претседател Лаи Чинг-те на Националниот ден.
„Ние сме подготвени да ја продолжиме перспективата за мирно обединување со најголема искреност и напори“, рече Чен Бинхуа, портпарол на кинеската Канцеларија за работи на Тајван, на редовниот брифинг со новинарите во Пекинг.
„Но, ние никогаш нема да се обврземе да се откажеме од употребата на сила“, рече тој.
Чен, сепак, истакна дека ова било насочено кон вклучување на „надворешни сили“, што значи Соединетите Држави и нивните сојузници, и многу мал број тајвански сепаратисти, а не огромното мнозинство од тајванскиот народ.
Владата на Тајван ги отфрла аспирациите на Пекинг за суверенитет над Тајван, велејќи дека само жителите на островот можат да одлучуваат за нивната иднина.