Основното јавно обвинителство Скопје интензивно презема дејствија за утврдување на причините за вчерашната тешка сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Велес.
Во текот на ноќта издадени се повеќе наредби за вештачење на траги пронајдени на лице место и за обдукција на починатите.
Комбето е подигнато од местото на несреќата и ќе се врши и вештачење со цел да се испитаат сите околности кои довеле до настанот.
На 16.10.2024 во СВР Скопје било пријавено дека во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело.
Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош.
Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.