Во Македонија, како и во другите земји во регионот и Европа во последните години се јавува хроничен недостаток на работна сила.
Тоа придонесе сопствениците сериозно да ги зголемат платите за позиции кои до пред некое време беа едни од најнепосакуваните, а и ден денес се потценети.
Готвачи и пекари
Угостителството како стопанска гранка сериозно се прошири во последните неколку години.
Кафулиња, бистроа, гостилници, ресторани, сендвичарници, пекарници секојдневно се отвораат буквално на секој ќош низ Скопје.
Тоа создава недостиг на одреден кадар кој би работел во такви локали.
И ако со келнери и шанкери некако се „кубури“ вистинска потрага има по готвачи, скараџии и пекари (посебно бурек мајстори).
Солиден готвач во локална или маалска кафеана без проблем заработува околу 50 – 55.000 денари.
А доколку станува збор за сериозно квалитетен готвач кој работи во некој од ексклузивните рестрорани или хотели низ Скопје тогаш платата се движи од 75.000 па се до 90.000 денари.
Верувале или не, ама толкава сума месечно заработуваат и бурек мајсторите.
Иван, бурек мајстор во еден голем синџир на пекари во Скопје, за 24инфо.мк вели дека основната плата му е околу 500 евра, но затоа со сопственикот е договорен за процент од произведена пита бурек.
„Секоја произведена пита бурек или вртена пита мене ми носи дополнителни пари, па освен платата која ми е фиксна јас преку процентот заработувам и три пати повеќе односно нема месец да не сум под 80.000 денари“ вели Иван.
Возење велосипед и „правење“ пари
Модерниот и брз начин на живот придонесе многу семејства наместо да готват дома, едноставно да нарачаат и нивниот оброк да стигне на нивната домашна адреса.
Тоа придонесе да се развијат многу компании кои доставуваат храна и разни намирници, а со тоа и можност за работа или дополнителна заработка за многумина.
Речиси сите компании за достава на храна ангажираат лица под договр на дело.
Најчесто тоа се млади луѓе, студенти или вработени лица кои сакаат да заработат некој дополнителен денар.
А од достава на храна се заработува онолку колку што ќе испорачате.
Оние, најподготвените, најупорните кои работат секој ден и не одбиваат нарачаки заработуваат и над 1.000 евра во месецот, вели еден наш соговорник кој неколку години доставува храна низ Скопје.
Сепак, според него се работи за мачна и напорна работа, која бара многу труд и трпение и едноставно не е за секого.
Но како и да е, во Македонија во последните години стана јасно дека не ви треба факултетска диплома за да заработувате плати кои се далеку над просекот.
Покрај овие професии, и покрај вработените во ИТ секторот, натпросечно заработуваат и речиси сите занаетчии, фризери, козметичари….
Сепак, кога станува збор за градовите од внатрешноста, заработката на овие работни позиции не е толку голема.