Одлуката на Владата на Р. Македонија да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на владата предводена од Христијан Мицкоски. Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет. Спротивно на ветувањата дека од средствата од унгарскиот кредит ќе се финансираат проекти во сите општини, без разлика на политичката определба на раководствата на локалните самоуправи, со вчерашната одлука се потврди за неточна. Единствено се потврди очекуваното секташко однесување на Мицкоски кое е насочено кон пресметки со неистомислениците и за кој државата, граѓаните и нивните потреби се очигледно на последно место“ соопштија попладнево од Град Скопје.
Оттаму велат „Колку за споредба, најзадолжената општина во Р. Македонија, општина Гостивар добива 2.7 милиони евра за проекти иако должи преку 108 милиони евра потрошени од буџетот, додека градот Скопје не добива ниту еден проект иако аплицираше со 20 проекти со целосно обезбедена проектна документација, ЗА РАЗЛИКА од дел од општините, на кои Мицкоски им додели средства и покрај тоа што немаат проекти“.
Мицкоски никогаш немал намера да се грижи за потребите на граѓаните и проектите кои се важни за нив. Единствена грижа на овој човек е обезбедување на поголема власт за да може да ги реализира своите планови и преку своите општини да извлекува средства. За потсетување Град Скопје достави проекти согласно објавениот јавен повик на Владата за поддршка на општините, со цел унапредување на квалитетот на живот на жителите на Скопје. Над 20те поднесени проекти се со фокус на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација, како и од областа на културата“ велат од Град Скопје.
Инаку, во областа сообраќај, Град Скопје поднесе проекти за 80 еколошки ЦНГ автобуси и 15 електрични автобуси, а во областа на противпожарната заштита, се аплицираше за обезбедување нови противпожарни возила.