Собранието го ратификуваше Договорот за ФРОНТЕКС, Спасовски со критика до ВМРО-ДПМНЕ поради неприсуство на седницата

Собранието денеска во рамки на продолжението на 99. седница, со 61 глас „за“, го донесе Законот за ратификација на Договорот за ФРОНТЕКС, со што тој станува дел од внатрешниот правен поредок на државата.  

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан на 26 октомври 2022 година во присуство на премиерот Димитар Ковачевски и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и тоа е прв ваков договор помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија на македонски јазик. Овој Договор има оперативно и политичко значење и за Северна Македонија и за Европската Унија.

На денешното гласање во пленарната сала не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и другите опозициски партии.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по изгласувањето на Законот за ратификација излезе со критика до пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради неприсуството на денешната седница. 

-Денеска во македонското Собрание беше изгласан предложениот Закон за ратификација на Договорот помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија за оперативните активности спроведени од страна на Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража во Република Северна Македонија. Благодарност до пратениците коишто го поддржаа ратификувањето на првиот договор на македонски јазик (ФРОНТЕКС) помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија. Би сакал да потенцирам дека ниту еден пратеник од опозициската ВМРО-ДПМНЕ не беше присутен на собраниската седница. ФРОНТЕКС за нас значи потврда за рамноправноста на македонскиот јазик со другите јазици на ЕУ. Затоа, нека им служи на чест на оние кои одбија да го поддржат успехот на државата за кој изминативе години макотрпно работевме, напиша на Спасовски на неговиот официјален Фејсбук профил.

Според образложението, Договорот отвора можност за воспоставување заеднички операции на европската Агенцијата за гранична и крајбрежна стража на територијата на Република Северна Македонија. Со неговото влегување во сила се овозможува на барање на нашата држава да се распоредат полициски службеници на ФРОНТЕКС на критичните точки на границата, заедно со полициските службеници на Северна Македонија. Тоа, како што се наведува, ќе придонесе кон зголемување на нивото на соработка, размена на искуства и знаење, како и можност да се користи целата опрема на Фронтекс.

Договорот за ФРОНТЕКС беше потпишан во присуство на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, за време на нејзината официјална посета на земјава. Од име на ЕУ параф ставија амбасадорот на Чешка, Јарослав Лудва, како претставник на тогашното чешко претседателство со Советот на ЕУ и еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон која беше дел од делегацијата на Фон дер Лајен, а од македонска страна министерот за внатрешни работи Спасовски.

Премиерот Ковачевски на самиот чин на потпишувањето наведе дека Договорот е потпишан на македонски јазик, без фусноти, без ѕвездички и без додавки. 

-Овој договор, го потпишавме на македонски јазик, нема какви било додавки, нема никакви ѕвездички. Тоа е првиот договор кој Северна Македонија го потпишува со Европската Унија на кој стои чист македонски јазик заедно со сите други јазици во ЕУ. Тоа е ветувањето кое јас го дадов и тоа е ветувањето кое го исполнив. Со овој Договор ќе можеме заеднички да се справуваме со нелегалната миграција и заеднички да одговориме на предизвиците, но овој пат тоа ќе го правиме од нашата територија заедно со силите на Фронтекс. Со потпишувањето на овој документ се издигнува на врвно рамниште статусот на службената употреба на македонскиот стандарден јазик. Овој чин нѐ прави горди сите нас, граѓаните на Република Северна Македонија, а особено нас Македонците, бидејќи на овој начин ја заокружуваме акцијата на нашите претходници за еманципација на македонскиот јазик и македонската култура на европско рамниште, изјави тогаш на заедничката прес-конференција со Фон дер Лајен. 

Треба да знаете
Последни објави