Целиот свет на Фатима Фиген го нема. На парче земја опустошена од земјотресот во разурнатиот град Адијаман, таа се обидува да се стопли.
Додека се топли околу огнот, ги брои мртвите.
„Имаше многу загуби во семејството на мојот сопруг. Неговата мајка, татко, браќа и сестри, снаи, внуци, внуки.
Нашиот семеен стан се урна. Во меѓувреме вујко ми, неговата сопруга, нивното дете, свекрвата ги загубија животите…“
13 членови од нејзиното семејство се изгубени во урнатините. Десет деца останаа без родители. Фатима на новинарите на Скај Њуз им покажа фотографии од куќата како изгледала пред земјотресот.
Стан на четири ката исполнет со три генерации. Куќата се претвори во гробница во која починаа нејзините најблиски, пишува Скај.
Сите биле жртви на земјотресот за кој не престанува да размислува. „Дури и кога стоиме, се чувствуваме како да се тресеме“, вели Фатима.
Околу нив спасувачите со копачи се обидуваат да ги извлечат мртвите, додека живите прават се за да ги преживеат ноќите кога температурата паѓа под нулата.
„Во првите неколку дена слушнавме приказни за луѓе кои биле извлечени од урнатините, но починале од студот“, вели Фатима.
Леденото време не е единствениот предизвик за преживеаните. „Нема работа. Ние сме банкротирани“, вели роднината на Фатима, Хабиб.
На новинарите на Скај им го покажува комбето во кое тие наизменично спијат. Како најстар маж, Хабиб сега е главниот хранител на неговите преживеани роднини, вклучително и десет сирачиња. Со уништен дом и изгубени работни места, за нив нема иднина во Адијаман.
„За мене нема надеж, готово е. Градот веќе не постои“, вели Хабиб.
Толпи луѓе го напуштија Адијаман, нема струја, а преживеаните велат дека водоснабдувањето е прекинато или загадено.
На многу улици, местото на куќите сега го заземаат шаторските населби обезбедени од државата.
Веднаш зад аголот од местото каде што сега живее Фатима, известуваат новинарите на Скај, тие се среќаваат со Ајса Кајгусуз, која им го покажала владиното засолниште што го дели со десет други.
Немаат тоалети или тушеви. Тој објаснува дека луѓето вршат нужда во близина на местото каде што подготвуваат храна.
„Сега не можеме да се справиме со епидемија. Оние што преживеаја потоа ќе умрат. Половина град е мртов“, вели Ајса.
Турција сега прави што може, но потребите се огромни. На многумина овде страдањето им изгледаат бескрајно, пишува Скај Њуз.