Познатата кутија со чоколадни бонбони од филмот „Форест Гамп“ со Том Хенкс од 1994 година, е продадена на наддавање за 25.000 долари.
Кутијата, потпишана од Хенкс, е означена дека тежи 23 унци (650 грами), иако кутијата била наполнета со само четири унци песок, за да не падне од скутот на глумецот при снимањето. Американскиот бренд „Рипли, верувале или не!“ го купи добро познатиот реквизит навреме за Денот на вљубените.
Оскаровскиот филм „Форест Гамп“ ја следи приказната на истоимениот лик кој, по игра на судбината, се пробива низ многу од најголемите настани од средината на 20. век.
Ова остварување освои шест „Оскари“ во 1995 година, меѓу кои и за најдобар филм, најдобар режисер и најдобра главна машка улога – за Хенкс. Заработи 678 милиони долари ширум светот за време на неговото првично прикажување во кино.
Друг предмет како сувенир што го купи „Рипли“, е личен рачно бележан адресар којшто му припаѓал на менаџерот на „Битлси“ – Брајан Епстин. Книшката ги содржи адресите и телефонските броеви на бендот, како и, на пр., оние на сер Мик Џегер.