Денеска истекува рокот за преименување на здруженијата, чиишто имиња се сметаат за навредливи и претставуваат провокација што предизвикува тензии меѓу Северна Македонија и Бугарија, во спротивно, согласно законските измени за здруженија и политички партии од ноември 2022 година, ќе бидат затворени. Здружението од Охрид „Цар Борис Трети“ има поднесено барање до Централниот регистар за промена на името согласно измените во Законот за здруженија и фондации. Од Културниот центар „Иван Михајлов“ од Битола, пак, на ден пред истекот на рокот, се уште немаат доставено барање за измени.
Бугарските клубови, согласно Законот за здруженија и фондации, што беше донесен по скратена постапка во ноември 2022, се обврзани да побараат пререгистрација или во спротивно им се заканува укинување.
Од Централниот регистар за МИА потврдија дека на 10 февруари е доставен допис со барање за усогласување на работата на Здружение за афирмација на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ Охрид и дека постапката è во тек. За здружението „Иван Михајлов“ од Битола досега не е поднесено барање.
Според постоечката легислатива, доколку двата клуба не го сменат името, треба да заседава владината Комисија и да донесе став, што потоа треба да биде доставен до Министерството за правда и врз основа на тоа министерот да донесе одлука. Доколку одлуката е негативна, здружението треба да биде избришано од Централниот регистар.
Според измените на Законот за здруженија и фондации, се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
Со измените се уредува дека „како име или назив на здружение не можат да бидат употребени имиња што по која било основа во минатото се поврзани со расна, верска, национална, етничка и друга нетрпеливост, нетолеранција, омраза, геноцид, екстремизам, ширење или поддршка на фашизам, нацизам, националсоцијализам и третиот рајх. Ако во името на здружението е содржано такво име, одобрение дава министерот за правда, по препорака на Комисија која ќе биде формирана од министерот за правда со претставници на Министерството за култура, Институтот за национална историја, МАНУ и Министерството за правда“.
Тогаш бугарското МНР изрази загриженост поради изгласаните измени на законите за здруженија и фондации и за политички партии во македонското Собрание, оценувајќи дека „измените имаат за цел дискриминација и ограничување на правото на здружување на Бугарите во Северна Македонија, бидејќи има еднострано толкување на историските факти“.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера се сретна со Ѓорѓи Трендафилов и со Љупчо Ѓоргиевски, претставници на различни организации на бугарската заедница во Северна Македонија при што биле размените мислења за прашања што ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата.
-На средбата беше изразено задоволство од директниот пристап во размената на мислења, како и интенцијата за повторна средба и засилена динамика на комуникација, со цел подиректно вклучување на бугарската заедница и здруженијата кои нив ги претставуваат во рамките на редовната соработка на државата со граѓанскиот сектор, информираа од МНР.
Ѓорѓи Трендафилов од Граѓанско – демократската унија (ГДУ), кој денеска заедно со претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Љупчо Ѓоргиевски, како претставници на различни организации на бугарската заедница во земјава во МНР се сретнаа Османи, по разговорот изјави дека имале корисна средба и оти нивните активности ќе бидат во насока на релаксирање на односите меѓу Скопје и Софија.
-Имавме корисна средба со министерот за надворешни работи. Средбата е во голема мера продолжение на разговорите кои ги имавме во Брисел. Ние го известивме (Османи) за содржината на разговорите со еврокомесарот за проширување и добрососедство, (Оливер) Вархеји и со неколку политички групации застапени во Европскиот парламент, кои ќе се обидат со нивните политички истомисленици и групации овде во Македонија, значи Конзервативната, Европските народни партии, Прогресивните социјалисти, да се обидат да помогнат да се смират тензиите на релација Скопје – Софија и во една порелаксирана атмосфера да почне да се спроведуваат одредбите и од Спогодбата 2017 и т.н. „француски предлог“ за Македонија во периодот до октомври, кога треба да биде објавен Извештајот за напредокот од Европската комисија и земјава да може официјално да ги отпочне преговорите кон крајот на ова година, рече Трендафилов.
Тој изјави дека од Османи побарале и тие да се обидат да посредуваат за смирување на тензиите, затоа што во една експлозивна атмосфера, како што вели, невозможно е да се донесат квалитетни рационални политички решенија.
– Мислам дека тоа е во интерес на граѓаните и на земјава. Останува на времето да видиме дали нашата работа и нашиот апел ќе вродат со конкретен политички плод, додаде Трендафилов.
Во однос на Резолуцијата на Советот на Европа, во која се вели дека не постои системска дискриминација во Северна Македонија, Трендафилов вели дека не се согласува со ваквиот став, но, како што рече, тоа нема да биде во фокусот на нивната активност, туку колку што е можно повеќе да придонесат да се релаксираат односите меѓу Скопје и Софија.
Прашан дали на средбата претседателот на Клубот „Ванчо Михајлов“, Ѓеоргиевски, го отворил прашањето за пререгистрација на здруженијата, чиј рок истекува денеска, Трендафилов одговори дека за тоа не било посебно разговарано.
– Не посебно. Јас ја видов изјавата за Дојче веле мислам од господинот Ѓеоргиевски дека тие немаат намера да отстапат во овој момент и дека презеле одредени правни лекови кои им стојат на располагање. Ќе видиме што ќе се случи понатаму. Не беше посебно како тема, одговори Трендафилов.
Средбата се случи ден пред истекот на рокот во кој согласно измените на Законот за здруженија и фондации, постоечките бугарски здруженија „Ванчо Михаилов“ и „Цар Борис Трети“, треба да ги сменат имињата или во спротивно се соочуваат со нивно затворање.
Eврокомесарот за проширување и добрососедски односи Оливер Вархеји, во вторникот пред Европскиот парламент изјави дека очекува да се намалат тензиите меѓу Софија и Скопје кои кулминираа на 4 февруари, а сите одговорни за инцидентите што се случија да се соочат со правдата.
-Настаните од 4 февруари не се охрабрувачки. Се надевав на многу повеќе – како што беше одлучено од раководствата на двете земји, ќе има заедничко одбележување на датумот. Се надевам дека ќе успее следната година и нема да има слични настани на границата. Морам да признаам дека за властите во Скопје не е лесна задача да останат смирени доколку има провокации на границите. Заедно, ЕУ мора да испрати порака дека историјата се споделува и како таква треба да се слави. Ќе направиме се што е во наша моќ да ја намалиме тензијата. Се надеваме дека ќе се спроведат сите билатерални договори, рече Вархеји одговорајќи на прашања на бугарските европратеници.
Андреј Ковачев побара од Вархеји да потврди дека ЕК ја следи не само промената на македонскиот Устав, туку и спроведувањето на билатералниот договор меѓу Софија и Скопје од 2017 година и двата протокола, пред да започнат суштинските преговори со Северна Македонија за пристапување.
Во случајот со Република Северна Македонија поставивме многу јасни правила во преговарачката рамка, што овозможи свикување на првата меѓувладина конференција, потсети еврокомесарот.
-Барањата се јасни, потребни се добрососедски односи. ЕК ќе го следи ова прашање и очекуваме напредок оваа година. Ги набљудувам настаните, разговарав со македонски граѓани кои се идентификуваат како Бугари. Власта во Скопје не само што е свесна, туку и дејствува за искоренување на секоја омраза кон Бугарите. Насилниците се уапсени, истрагата продолжува, се надевам дека ќе има случај на суд. Мислам дека ова треба да биде показател за решителноста на властите во Скопје, додаде Вархеји во врска со случајот со Христијан Пендиков.
Вархеји посочи дека ЕК го следи почитувањето на Договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и на Договорот од Преспа. Тој најави дека извештајот за напредокот на Северна Македонија се очекува да биде објавен наесен.