Во првиот натпревар од плеј-офот за Лигата на Европа, во пресметка на европските гиганти, Барселона и Манчестер Јунајтед на „Камп Ноу“ одиграа 2:2.
Тоа беше нивниот прв обид во второто по рангот натпреварување на УЕФА, по десет претходни натпревари во Лигата на шампионите, вклучително и две финалиња. И двете ги доби Барса, во 2009 година победи со 2:0 на римски „Олимпико“, а две години подоцна победи со 3:1 на лондонски „Вембли“.
Барса моментално е на врвот во Ла Лига со осум бода предност пред ривалот Реал Мадрид, а нема пораз на 17 натпревари. Од друга страна, Јунајтед претрпе само еден пораз во последните 18 натпревари.
„Блау Грана“ и „Црвените ѓаволи“ одиграа одличен натпревар со четири гола, голем број шанси и вкупно 35 удари кон головите. Домашните поведоа, Јунајтед го сврте резултатот, за на крајот Барса да израмни.
Првата шанса домаќинот ја имаше во осмата минута. Роберт Левандовски ја прими топката, влезе во шеснаесетникот и шутираше, но Давид де Хеа одбрани. Гостите одговорија во 27 минута. Џејдон Санчо шутираше, но неговиот удар беше изблокиран. Само една минута подоцна, Воут Вегхорст имаше одлична шанса, но Марк-Андре Тер Штеген го одбрани неговиот удар. Јунајтед имаше шанса во 34 минута, овојпат шутираше Маркус Рашфорд, но домашниот голман уште еднаш извонредно реагираше.
Барса поведе во 50 минута, Рафиња изведе корнер, а Маркос Алонсо со глава погоди за 1:0. Сепак, само три минути подоцна гостите израмнија со голот на Маркус Рашфорд на асистенција на Фред, а во 60 минута поведоа по автоголот на Жил Кунде. Повторно во центарот на акцијата беше Рашфорд кој го мина својот чувар и уфрли пред голот, каде Кунде ја одби топката во сопствената мрежа. Барса израмни во 76 минута преку Рафиња кој ја нафрли топката во шеснаесетникот, но ниту еден од играчите не ја допре топката, измамувајќи го Де Хеа.
Во вториот меч од вечерта Шахтјор Доњецк го победи Рен во Варшава со 2:1. Украинскиот тим, кој зимава беше без својот најдобар играч Михаил Мудрик, кој беше продаден на Челзи за околу 100 милиони евра, поведе во 11 минута. Богдан Михајличенко шутираше кон голот, Манданда одбрани, но Дмитро Крисков ја расчисти одбиената топка. Во финишот на првото полувреме Чимуања Угочукву направи пенал, а Артем Бондаренко погоди за 2:0. Рен намали во 59 минута со голот на Токо Екамби.
РБ Салцбург ја совлада Рома со 1:0 со голот на Николас Капалдо во 88 минута. Домашните почнаа агресивно, со голем притисок. Рома изгледаше исплашено и беа потребни околу 20 минути да се разбуди, а до крајот на мечот Салцбург мора да му се заблагодари на голманот Кен што не доживеа и пораз.
Во продолжението од мечот Рома двапати ја погоди рамката од голот, во 73 минута Брајан Кристанте ја натскка протинвничката одбрана и шутираше со глава, но ја погоди десната статива. Осум минути подоцна Андреа Белоти ја погоди гредата. Казната стигна во 88 минута, Страхиња Павловиќ нафрли во шеснаесетникот, а Николас Капалдо погоди со глава за победа на домашните.
На натпреварот меѓу Ајакс и Унион Берлин немаше голови. Ајакс имаше многу поголем посед на топката во првото полувреме, но не упати ниту еден удар во противничкиот гол. Фудбалерите на Унион ги затворија сите приоди кон својот гол, беа победници во поголемиот дел од дуелите и создадоа подобри шанси од домаќините. Ретко кој гостински голман имал полесни први 45 минути на европски натпревар на овој стадион. Во останатиот дел од натпреварот Ајакс одигра подобро, но остана 0:0.
Вечерва се среќаваат уште Јувентус – Нант, Спортинг Лисабон – Митјиланд, Баер Леверкузен – Монако и Севиља – ПСВ Ајндховен. Реваншите се на 23-ти февруари.