По околу два часа тензии пред Парламентот во Тирана, во обид демонстрантите да влезат во зградата, фрлајќи тврди предмети врз полицајците, употреба на солзавец и водени топови од страна на полицијата, на повик на опозицискиот лидер Љуљзим Баша народот се повлече од пред законодавниот дом.
Демонстрантите предводени од Баша маршираа кон булеварот „Народни херои”, потоа булеварот „Жан Д’Арк” и застанаа пред седиштето на Демократската партија.
Учесниците на протестот, Баша ги нарече мисионери на слободата, кои заслужуваат благодарност од сите Албанци низ генерации.
– Денешниот ден влезе во нашата посткомунистичка историја, како ден на најголемото единство на плоштадот „Народни херои” а за ова секој Албанец денес и секоја генерација во иднина, им должат благодарност на мисионерите на слободата и демократијата, истакна Баша.
Потоа тој ја истакна одлучноста на демонстрантите, која, според него, предизвикала паника кај Еди Рама и власта.
– Целиот свет денеска ја виде вашата одлучност да ја освоите слободата и демократијата што ја заслужувате. Денеска видовме како во паника се тресе Владата. Сите оние што ја бранеа мафијата на власт ќе сносат одговорност, рече лидерот на ДП.
На крајот од својот говор, Баша, исто така, упати порака и до меѓународниот фактор, кој, како што рече речиси цело време држеше спротивен став од оној на Демократската партија и на опозицискиот фронт.
– Сакам да испратам порака до нашите меѓународни пријатели, кои не поддржаа во овие 29 години. Нема демократија без стабилност. Не ги слушајте корумпираните адвокати и човекот кој ја потона Албанија во дрога, туку слушајте го гласот на Албанците, им порача Баша на меѓународните претставници, кои повторно побараа опозицијата да се откаже од бојкот и да се врати во Парламентот.
Лидерот на опозицијата уште еднаш истакна дека протестите ќе продолжат и во наредните денови и оти ќе се прошират низ цела Албанија, со „уште поголема решителност”.
Протестот денеска започна во 11 часот пред Владата, но состојбата ескалираше кога насобраниот народ замина пред Парламентот, каде беа повредени повеќе полицајци од удар со тврди прердмети.
За смирување на состојбата апел упати и албанскиот претседател Илир Мета.