Во Турција, фокусот сега е ставен на помош на милионите бездомници

Единаесет дена по разорниот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија, при што загинаа повеќе од 43.000 луѓе, меѓународните хуманитарни агенции ги засилуваат напорите да им помогнат на милионите бездомници, од кои многумина спијат во шатори, џамии, училишта или автомобили.

Вчера две лица беа извлечени живи од урнатините во Турција, но таквите исходи стануваат се поретки како што одминува времето. Гневот преовладува меѓу населението, а надежта постепено умира.

ОН повикаа на собирање на повеќе од милијарда долари помош за Турција

Во земјотресот, како што соопштија денеска локалните власти, загинале најмалку 38.044 луѓе во јужна Турција, а властите на соседна Сирија јавуваат за 5.800 загинати.

Обединетите нации вчера апелираа за повеќе од милијарда долари за операција за помош во Турција, само два дена откако апелираа за 400 милиони долари за Сиријците.

Сирискиот претседател Башар ал Асад во четвртокот во телевизиска програма рече дека одговорот на таква катастрофа бара повеќе ресурси отколку што располага владата.

Ниту Турција ниту Сирија се уште не соопштија колку луѓе се водат за исчезнати.

Гневот расте поради корумпираните градежни практики

Шефот за хуманитарна помош на ОН Мартин Грифитс, кој ја посети Турција минатата недела, рече дека луѓето „поминале низ неискажлива болка“.

„Мораме да бидеме со нив во овие најтешки моменти и да се погрижиме да ја добијат потребната поддршка“, вели тој.

Кај семејствата чии членови на семејства или роднини се уште не се пронајдени, гневот расте поради, како што посочуваат, коруптивните градежни практики и целосно погрешниот урбан развој, што резултираше со уривање на илјадници домови и деловни простории.

Турција вети дека ќе ги истражи сите инвеститори и градежници осомничени дека се одговорни за уривањето на зградата и нареди притворање на повеќе од 100 осомничени, вклучително и градители.

Состојбата со загинатите во Сирија

Од другата страна на границата, во Сирија, земјотресот погоди регион поделен и разурнат од дванаесетгодишната граѓанска војна. Сириската влада располага со податоци според кои бројот на загинати на територијата што ја контролира е 1414.

Во северозападниот дел на земјата, кој го држат бунтовниците, регистрирани се повеќе од 4.000 смртни случаи, но спасувачите велат дека таму не е пронајден ниту еден жив човек од 9 февруари.

Напорите да му се помогне на населението таму беа отежнати поради конфликтот. Многу жители на северозападна Сирија се чувствуваат изневерени и напуштени бидејќи хуманитарната помош речиси секогаш завршува во другите делови на земјата.

Оние кои останаа во регионите погодени од земјотресот спијат на отворено и велат дека се плашат

Испораките од Турција беа целосно прекинати веднаш по земјотресот, кога рутата што ја користеа Обединетите нации беше привремено блокирана. Оваа недела Асад одобри употреба на два дополнителни премини.

Портпаролот на Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања изјави дека од вчера 119 камиони на ОН поминале низ премините Баб ал Хава и Баб ал Салам по земјотресот.

Сепак, многу преживеани избегаа од регионот погоден од земјотресот, а оние што останаа велат дека повеќе не живеат како нормални луѓе, спијат на отворено и се плашат.

Треба да знаете
Последни објави