ВМРО-ДПМНЕ: За хартија има, но не и за корици- издавачката дејност на маргините

Жесток и подмолен удар врз македонското издаваштво! Ова е најкраткиот опис на резултатите за проектите поддржани во рамките на Годишната програма на Министерството за култура за 2023 година. Наместо да се поддржува, со ваквата Годишна програма, се замелушува целокупната издавачка продукција во Македонија.

Катастрофата беше очекувана со незапаметеното скратување на средствата  во висина од дури 40% во однос на претходната година, а во услови на историски најголем буџет на државата. Ова е показател дека Министерството за култура, односно актуелната „елита” во културата, е „накитена” со елементарно непознавање на културните политики, вклучително и издаваштвото, а тоа, пак, укажува на отсуство на секакви мерила и критериуми за квалитет и перцепција на националниот интерес, токму во областа каде што до израз доаѓа македонскиот пишан збор.

Комисијата на сите им доделува по нешто ситно, небаре делат милостина. Ниту сите проекти се еднакви, ниту поддршката може и смее да биде таква. Сумата со која се поддржани, за голем дел од проектите, значи минорен придонес, со што целиот Конкурс ја губи смислата да биде некаква поддршка која ќе помогне да се направат проекти кои се од исклучително значење и вредност, но не се комерцијални.

Од реакциите на бројните реномирани автори, чии проекти не се поддржани, се гледа дека при одлучувањето, оваа режимска власт се пресметува со политичките неистомисленици и нејзините критичари, но редовно има – некогаш повеќе, некогаш помалку – за своите придружни гласноговорници. Па така, Бајруш Мијаку, член на Советот за култура на министерката, добива дури 207.000 денари. Тука е и поддршката од 104.00 денари за поранешниот пратеник на СДС(М), некогаш многу важна алка во синџирот на власта која не доведе на ова дереџе, Ферид Мухиќ.

Деновиве, јавноста постојано слуша за капитални проекти кои ги нема во Програмата. Одлуките за тоа кои и какви проекти ќе бидат поддржани се донесени од некоја опскурна комисија за која во јавноста никој не чул, ниту пак, некој од оние кои таму ги поставил, некаде ја истакнал нивната стручност, искуство и компетенции. Но затоа, пак, имаме пример како членот на Комисијата Биљана Рајчинова-Николова, вработена во Инстититутот за македонска литература одобрува девет изданија на институцијата во која е вработена!

Поддршката на книжевните манифестации, од националните институции, како што е „Струшките вечери на поезијата”, но и сите останати книжевни манифестации кои се организирани од здруженија на граѓани, издавачки куќи итн. е толку намалена, што директно го загрозува нивното одржување, па и самото постоење. Но, тоа не му пречи, па дури и е задоволен, административниот службеник Тодорче Тасевски, на привремена работа – директор на „Струшките вечери на поезијата”. Не е така далечна 2016-та година, кога снимаше политички спотови за неговата обесправеност во Министерството за култура, а сега „скромниот” Тасевски се задоволува со намалување на средствата за македонскиот поетски бренд со светска слава. На овој колосек за намалување, се и „Рациновите средби”.

Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ алармира дека станува збор за тенденциозно уништување на издавачката продукција на македонски јазик. Манифестациите со повеќедецениска традиција оставаат трајни белези и имаат незаменлива улога во македонската култура. За жал, Министерството пресметува дека гломазните проекти во интердисциплинарна дејност, кои најчесто остануваат невидливи за јавноста, се ефикасно орудие за задоволувањето на дрчноста на партиските војници и поддржувачи. И покрај нивното вдомување во националните установи, не престануваат да добиваат милиони, и сега –  си молчат! Видлив е примерот со поддршката од 205.000 денари на електронското списание „Окно” кое е рангирано во прва категорија. За споредба, најстарото печатено списание „Стожер” на ДПМ добива 108.000 денари.

Ваквиот конкурс веќе целосно ја изгуби смислата на своето постоење. Секое продолжување на овој начин на поддршка на македонската култура претставува нејзино свесно уништување.

Но има излез од овој безизлез. За тоа е потребно ум, волја и желба за вистински да ѝ се помогне на македонската култура. Тој излез лежи во издржана национална стратегија со јасна визија како и во целосната реформа на системот на поддршка во културата, во јасните мерила и критериуми и со компетентните луѓе во Комисиите.

Треба да знаете
Последни објави