Шеикот Џасим Бин Хамад Ал Тани, директор на една од најголемите банки во Катар, објави дека сака да купи сто отсто од англискиот клуб Манчестер Јунајтед и дека официјално испратил понуда за купување на клубот.
Своите намери ги соопштил преку соопштение за медиумите.
„Ја испратив понудата со цел да го вратам клубот во неговите поранешни славни денови, и на теренот и надвор од него. Целта ми е да ги вратам навивачите во срцето на Манчестер Јунајтед. Мојата желба е Манчестер Јунајтед да биде комплетно фудбалско искуство за нив и да се смета за најголем клуб во светот“, напишал меѓу другото катарскиот шеик и ветил дека ќе објави повеќе детали за понудата во зависност од тоа како ќе се развива ситуацијата.
Ал Тани тврди дека е долгогодишен навивач на Манчестер Јунајтед, а по финалето заедно со својот брат учествувал и во доделувањето на трофејот на светскиот првак Лионел Меси. Вечерва во 22 часот истече рокот за поднесување понуди за преземање на славниот англиски клуб. Досега, освен шеикот, се обрати и бизнисменот Сер Џим Ретклиф.
Манчестер Јунајтед моментално е во сопственост на американското семејство Глејзер, кое го презеде во 2005 година. Се очекува по истекот на рокот да бидат откриени уште две понуди – една од САД и една од Саудиска Арабија, пишува Би-Би-Си.