Полскиот претседател, Анджеј Дуда, изрази уверување дека дводневната посета на американскиот претседател, Џо Бајден, по повод одбележувањето на годишнината од руската инвазија на Украина ќе произведе случувања од глобално значење.
„Не се сомневам дека посетата на претседателот Бајден на Полска и неговото обраќање во Варшава ќе бидат од глобално значење – рече полскиот претседател на Минхенската безбедносна конференција и потсети дека следната посета на американскиот претседател ќе биде негова втора посета на Полска во само една година“, пренесува АП.
Бајден треба да пристигне во Варшава во вторник, а, според соопштението на Белата куќа, за време на неговиот престој во Европа, планира да се сретне со лидерите на деветте земји од источното крило на НАТО и има намера да одржи говор за „ како САД го обединија светот за да го поддржат народот на Украина“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен потврди денеска во Минхен дека Бајден „ќе одржи многу важен говор во Полска следната недела“.
„Мислам дека тој веројатно ќе зборува за патот што го поминавме заедно во текот на изминатата година, за тоа каде сме денес и, како што реков, за нашата постојана посветеност на успехот на Украина“, рече Блинкен.