Форумот на жени на СДСМ денеска во Велес организираше Марш за социјална правда.
По завршувањето на маршот, претседателката на Форумот на жени од Велес, Анета Андова во своето обраќање, порача дека денеска жените од СДСМ маршираат за инклузивно, еманципирано и солидарно општество.
„Родовата рамноправност подразбира признавање и остварување на човековите слободи и права кои се од универзален карактер и за мажите и за жените. Концептот на родова рамноправност претставува гаранција за активно и рамноправно учество на мажите и жените во политичкиот и јавниот живот, како и создавање на услови за целосна економска независност на жените” порача таа.
Претседателката на општинската организација на СДСМ во Велес, Даница Чадиева во своето обраќање, порача дека основата на напредок на секое општество е во социјалната правда и родовата еднаквост.
„Праведно општество е родова еднаквост во семејството, на работното место, во политиката, во наградувањето, во сензибилизацијата, во граѓанскиот сектор, а во секоја од овие области се води секојдневна, долгогодишна, повеќевековна борба. Родовата рамноправност во Македонија е уставна категорија, сепак до денес не е надмината силната патријархална култура во животот и во политиката, родовата свест и препознавање на подредената улога, родовата сензитивност, отсуство на родова рамнотежа Токму од тука и потребата за Правна рамка за родовата еднаквост: Закон за еднакви можности на жените и мажите,Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи, Изборниот законик како и Законот за избор на пратеници и Законот за локални избори, Законот за работни односи.
Покрај ова како идна членка ЕУ ги прифативме сите директиви и препораки на ЕУ за рамката на еднаквите можности за жените и мажите па изготвивме и Стратегијата за родова еднаквост. Република Северна Македонија, како членка на Советот на Европа, ги дели и неговите заложби за обезбедување на адекватно ниво на родова сензибилизација” порача Чадиева.
Маршот имаше и хуманитарен карактер, односно преку донации се собраа средства за помош на настраданите во катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија.