Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе ја посети Полска за да ја одбележи првата годишнина од руската инвазија на соседна Украина, најголемиот конфликт во Европа по Втората светска војна, додека се очекуваат пролетни офанзиви од двете страни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски вчера изјави дека Русија претрпела „исклучително значителни“ загуби во близина на градот Вуледар во источната провинција Донбас, за кој Москва тврди дека го анектираше во септември.
„ Ситуацијата е многу комплицирана. И ние се бориме. Ги победуваме окупаторите и нанесуваме исклучително значителни загуби на Русија“, рече Зеленски во својата ноќна видео порака.
Украинските власти апелираа до членовите на американскиот Конгрес да ја притиснат администрацијата на Бајден да испрати борбени авиони Ф-16 во Киев, велејќи дека тие ќе ја подобрат способноста на Украина да гаѓа руски ракетни единици со ракети од американско производство, изјавија американски конгресмени.
Украинските власти, вклучително и министерот за надворешни работи, Дмитро Кулеба, лобираа кон крајот на минатата недела на маргините на Минхенската безбедносна конференција во разговорите со демократите и републиканците од Сенатот и Претставничкиот дом.
Бајден рече „не“ минатиот месец на прашањето дали ќе го одобри барањето на Украина за авиони Ф-16, произведени од Локхид Мартин.
Говорејќи во неделата, претставниците на неговата администрација рекоа дека САД треба да се фокусираат на испраќање оружје што може веднаш да се користи на бојното поле наместо борбени авиони, за кои е потребна опсежна обука, но не ја исклучуваат можноста за испраќање Ф-16.
„Дискусиите ќе продолжат во следните неколку недели и месеци“, изјави за Си-Ен-Ен, американската амбасадорка во Обединетите нации, Линда Томас-Гринфилд.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки синоќа изјави дека за време на неговата посета меѓу 20 и 22 февруари со Бајден ќе разговара за можното зголемување на бројот на американски војници во Полска, кои исто така ќе останат таму подолг временски период.
„ Ние сме во процес на преговори со администрацијата на претседателот Бајден за да го направиме нивното (војничко) присуство потрајно и да го зголемиме“, изјави Моравјецки.
Бајден минатиот јуни рече дека САД ќе основаат нова постојана воена база во Полска како одговор на руските закани.
Американскиот претседател ќе се сретне и со полскиот претседател Анджеј Дуда, со кого ќе разговара за Украина и со други лидери од регионот, но тој не планира да оди во Украина, соопшти Белата куќа.