Тимот на Јанис Адетокунбо го победи тимот на Леброн Џејмс со 184:175 во НБА Ол-стар натпреварот одигран во Солт Лејк Сити. Главна ѕвезда на овој Ол-стар меч беше Џејсон Тејтум, кој беше прогласен за најкорисен играч (МВП).
Играчот на Бостон селтикс во натпреварот без многу одбрани и со многу атрактивни потези го предводеше „Тим Јанис“ до победата со 55 поени и со тоа постави нов рекорд по бројот на постигнати поени на Ол-стар натпревар. Исто така тој е само трет кој ја поминал границата од 50 поени, по Ентони Дејвис и Стеф Кари.
Тејтум постигна 27 поени во третата четвртина, што е уште еден рекорд на Ол-стар натпревар во било која четвртина. Тој запиша и 10 скокови и шест асистенции. Донован Мичел додаде 40 поени за Тим Јанис, кој исто така доби и 26 поени од Демијан Лилард, вклучувајќи и победничка тројка на крајот од натпреварот.
Адетокунбо го започна натпреварот, ги постигна првите поени и ја напушти играта по 20 секунди за да избегне влошување на повредата на десниот зглоб што ја доби во четвртокот.
За Леброн Џејмс, кој мечот го заврши со 13 поени, ова беше прв пораз како капитен во шест Ол Стар натпревари. Во својот тим најдобар беше Џејлен Браун со 35 поени и 14 скокови, Кајри Ирвинг додаде 32 поени и 15 асистенции, а Џоел Ембид исто така постигна 32 поени.
Српскиот кошаркар и центар на Денвер, Никола Јокиќ беше стартер во тимот на Леброн, но како и во претходните настапи на Ол-стар натпреварот имаше скромен настап. Тој одигра 20 минути и забележа четири поени, шест асистенции и пет скокови. Скромен учинок од четири поени имаше и Лука Дончиќ.