Во Утринско гостување на Националниот сервис МРТ 1 градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски најави дека советниците за Предлог одлуката за основање општинско претпријатие за продажба и производство на струја ќе гласаат на следната Седница на совет закажана за среда.
Станува збор за голем капитален проект кој предвидува поставување на фотоволтаични електрани на крововите на јавните објекти во општината со цел истите да ги снабдува со електрична енергија но и да произведува вишоци кои ќе се продаваат, рече Герасимовски.
„Направени се елаборати и испитувања каде се ќе се постават тие фотоволтаични системи. Планирано е да ги опфатиме сите училишта и градинки што се под капата на општината. Изгубивме неколку месеци околу тоа дали ќе биде Јавно претпријатие, дали ќе биде Акционерско друштво или ДООЕЛ за да на крај одлучиме да одиме со ДООЕЛ поради тоа што така имаме можност и да произведуваме за сопствени потреби и да продаваме на пазарот. Имавме доста состаноци со Регулаторна комисија со Централен регистар со ЕВН да видиме на кој начин ќе се регистрира. Потоа во ЕВН во делот на броилата како истите да бидат префрлени и да бидат под училиштата или да бидат во новиот ДООЕЛ или во сопственост на општината. Регулаторна за добивање на лиценци и се останато. Верувам дека во среда советниците ќе го изгласаат и новиот тим на луѓе коишто ќе бидат задолжени за раководење на истото од следната недела ќе се зафатат и со начинот и планирањето каде ќе се отпочне. Имаме одредена рамка и треба и самиот тим да го отпочне со работа“, изјави Герасимовски.
Според проекциите фотоволтаични централи првично ќе бидат поставени во ООУ „Киро Глигоров“ како училиште со највисоки сметки за електрична енергија, а потоа и на останатите основни училишта во земјата. Вишоците н а електрична енергија општината ќе ги продава и средствата ќе ги искористи за нови развојни проекти, нови паркови, енергетско ефикасни фасади, детски игралишта и останати проекти.