Во касарната „Илинден” во Скопје, денеска претседателот Стево Пендаровски, Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, г. Хасан Мехмет Секизќок и началникот на Генералштабот генерал- потполковник Васко Ѓурчиновски го пречекаа Армискиот тим за заштита и спасување, кој учествуваше во хуманитарната спасувачка операција во регионот Кахраманмараш, во Турција.
Претседателот Стево Пендаровски, им се заблагодари на припадниците за нивната храброст, професионалност и доследно извршување на задачите во пребарување, пронаоѓање и спасување на настраданите и рече дека нашата армија беше меѓу првите пет кои пристигнаа на лице место практично 24 часа по земјотресот.
Министерката Петровска ја поздрави пожртвуваноста и подготвеноста на припадниците, при што во свое име, во име на министерството, Армијата и граѓаните, им се заблагодари на припадниците на баталјонот за специјални намени. „Во една ваква комплицирана и навистина тешка задача: извлекување и спасување на она што можеше да се спаси, одлучивме дека треба да ги испратиме најдобрите, најобучените, најподготвените. Ви благодариме што го спасивте младиот Сулејман и што му дадовте шанса да порасне во успешен млад човек. Ви благодариме за вашата пожртвуваност и што покажавте дека секогаш сте подготвени да му служите на нашиот народ, но и да им помогнете и на пријателите кога ќе се најдат во неволја.” – рече Петровска.
Министерката Петровска најави дека сите припадници вклучени во хуманитарната спасувачка операција ќе бидат наградени со исплата од една просечна плата, потенцирајќи дека она што армиските припадници го имаат во своите срца е непроценливо, и дека со секоја завршена мисија не прават горди.
Амбасадорот на Република Турција во Северна Македонија, г. Хасан Мехмет Секизќок изрази благодарност кон целото македонско општество кое веднаш реагираше да помогне на турскиот народ и го истакна ангажманот на припадниците на Армијата кои храбро се вклучија во активностите за заштита и спасување.
„Храбри чеда на македонската армија, вие пред скоро време се вративте во земјава, но вашата пожртвуваност и огромна солидарност е врежана длабоко во меморијата на турскиот, народ кој ќе се сеќава вечно”.
Армискиот тим за заштита и спасување, кој учествуваше во хуманитарната спасувачка операција, беше во состав од 60 припадници од Баталјонот за специјални сили , и 2 службени кучиња обучени за трагање.