Откако новинарот Драган Павловиќ Латас во интервјуто кај јутјуберот Лазаров раскажа за неговото прво сексуално искуство и зборува дека станувало збор за силување во автомобил, не стивнуваат реакциите на социјалните мрежи од активисти и истакнати поединци и организации за човекови права во Македонија. Како што вели Латас во интервјуто, силувањето било масовно а тој бил еден од учесниците „под присила“. На видето се спомнуваат и шлаканици на девојката, за „полесна возбуда“ на еден од учесниците во силувањето.
Крајна осуда и згрозување пристигна од организацијата Цивил – Центар за слобода. Од таму, во изјава за Нова ТВ, најавија дека ќе побараат законска одговорност врз основа на јавно признание за кривично дело.
Од Хелсиншкиот комитет за човекови права во објава на Фејсбук, велат дека интервјуто со Латас е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство.
„Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса излгеда нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците. Таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како „вистински мажи” и победници. Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да и се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство“, истакнуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
На социјалните мрежи реагираат и активисти, професори, писатели и борци за човекови права.
Македонија од вредносниот систем на Латас мора да биде поразена од една многу повеќе нормална, хумана и цивилизирана Македонија, пишува во објава на Фејсбук, активистот Џељо Хоџиќ
„Латас и неговиот вредносен систем, кој за жал имавме можност да го гледаме низ продукцијата на содржини низ медиумите во кои работел во изминативе децении, преставува: симбол на онаа Македонија која плаче по Југославија на Милошевиќ, ви текнува на нивните средби во Белград; симбол на онаа Македонија која денес ја негира и релативизира агресијата на Русија врз Украина, како што на времето беше негирана и релативизирана агресијата на крња Југославија врз Словенија, Хрватска, Босна и Косово; симбол на Македонија изградена врз албанофобија, во истата емисија кај „јутјуберот” Латас си кажува дека со него единствено имаат проблем Албанците „симнати од планина”, со секако, класика, од него наведени примери на другари од „добрите Албанци”; симбол на Македонија која го глорифицира времето на владеење на Никола Груевски, чиј главен медиумски соработник бил. За на крај, од денес, да стане и симбол на човек кој сексуално уживал со малтретирана жена, како што ја опишува со зборот „сиротиња”, во замаглено фиќо. Македонија од вредносниот систем на Латас мора да биде поразена од една многу повеќе нормална, хумана и цивилизирана Македонија“, пишува Џељо Хоџиќ.
Писателката Румена Бужаровска вели „за вакви монструми јавноста не смее да прости“
„Имајте ја на ум случкава со силувачот Латас и неговиот навивач и современ соучесник, јутјуберчето Лазаров кога следен пат некој ќе почне да кука против феминистки и култура на исклучување/cancel culture. Бидејќи случајот очигледно нема да има правна разврска, сите треба да работиме на тоа да ги осудиме и да ги исклучиме од било каква можност за јавно појавување. За вакви монструми јавноста не смее да прости. И да, не ја заборавајте муцката на извесниот Лазаров. Има еден тон следбеници на Инстаграм“, истакна Бужаровска.
Злото е референца за фраерлук, а смеата пред него е доказ дека нема повеќе граници за пречекорување, на пат сме кон бесконечноста, вели поетесата Тања Кармзова Костиглиола.
„Од видеото што кружи денес на социјални мрежи со Латас, со огромна горчина можам да заклучам дека овде е надмината теоријата на Хана Арент што го дефинира концептот на баналност на злото. Во конкретниов случај, злото е референца за фраерлук, а смеата пред него е доказ дека нема повеќе граници за пречекорување, на пат сме кон бесконечноста. Колкав пораз е ова за изминативе генерации како воспитувачи на нашиве, а и за нашиве како примери за идните – просто немам мерна единица со којашто би можела да го изразам“, вели Кармзова Костиглиола.
Кому му е смешно силувањето, прашува активистката Ирена Цветковиќ од „Коалиција Маргини“.
„Во скорешното интервју на Латас кај некојси јутјубер Стефан Лазаров, гостинот лабаво раскажа како тој и негови другари на 15 години групно силувале девојка во автомобил Фичо која првин едниот од нив ја натепал. За емисијата со Латас , јутјуберот Лазаров ќе рече- ИСКИНАВМЕ! Да, ја искинавте последната надеж дека ова општество е нормално, ја искинавте последната трошка верба дека јавната сфера е хумана и емпатична и мене лично (а верувам и на многумина) ми го искинавте срцето. Додека Латас раскажува, Лазаров се кине од смеење, што особено го радува раскажувачот. Се смеат заедно, заоѓаат во злорадост, исполнети од сопствениот успех. Едниот мисли дека е мангуп зошто силувал, другиот мисли дека е мангуп зошто ја има можноста ексклузивно да го сподели овој подвиг на силувачот. Ми се преврте утробата, што од гадење, лутина и бес, што од немоќ. За жал, силувањето се случило одамна и во моментов освен признание нема речиси никаква можност за кривичен прогон. Дополнително, јутјуб каналот на Стефан Лазаров не е препознаен како медиум во нашите закони, па не подлежи на санкции. Единствено што ни останува е јавната осуда. Ни приближно доволно, ама единствено исправно“, пишува Цветковиќ.
Професорката и активист Елизабета Секирарска за јутјуберот вели „опериран си од срам. Од пристојност и култура. Од емпатија.“
„Сиротињава распарталена у Фиќо, што да ти кажам. Шамар пред или после? Пред, за секој случај.” Ваков наратив, дечко, кој, колку и да запнуваш со тоа себепромовирање како бранител на традиционалните и високо морални вредности, тебе ти е смешен до левел на забава, значи само едно: опериран си од срам. Од пристојност и култура. Од емпатија. Заталкан и загубен во амбицијата млад човек, тап и примитивен. Умислен инфлуенсер, кој дури и се обраќа на јавноста во јалов обид да се оправда. Млад си, но верувам барем знаеш дека за оние кои ете, те следат, можеш да бидеш модел на однесување. Што ќе научат од тебе? Да се церекаат на вакви простачки, за нормален човек непојмливи изливи? Млад си, верувам се уште немаш семејство. Утре ќе имаш деца. Ќерка, можеби. Што ќе научи од тебе? Дека е нормално да слуша церекање, иако станува збор за злоставување? Најмалку што можеш е да застанеш и да речеш: “Се извинувам” наместо да глумиш атакувана жртва. Срам да ти е, дечко“, реагира Секирарска.
Адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска, за Латас вели дека „Проблемот е што тоа 15-годишно момче досега не пораснало ни педа. Ниту за 40 -тина години подоцна не ја сфатил сопствената одговорност, неговата психа не креирала емпатија“.
„Покушајот“ во Фиќо кој е повеќе оставен на нашата фантазија , но сепак раскажан со доволно детали за да ја сфатиме неговата противправност (шамари, замаглени стакла, спомнување повеќе мажи, еден татин син и буткање во ситуација “немајкаде”) сугерира дека покрај жртвата во Фиќото, и тој што “покушавал” е жртва на машката токсичност која на сите нас растени во скопските маала добро ни е позната, видена и слушната. Проблемот е што тоа 15годишно момче досега не пораснало ни педа, па низ годините единствено создало механизми кои му помогнале само да ја прифати таа состојба како дадена, надвор од негова контрола, да не речам, нормална. Ниту за 40 -тина години подоцна не ја сфатил сопствената одговорност, неговата психа не креирала емпатија (погрдно ја нарекува сиротиња) и едноставно прифатил дека “тоа така се правеше” сака да рече “така ние прв пат имавме секс”, бидејќи прашањето е “Дали е точно дека првата не се заборава?”, пишува покрај другото во објавата на Фејсбук, Јошевска-Анастасовска.
Од Секторот за компјутерски криминал на МВР доставиле известување до Скопското обвинителство по интервјуто на јутуберот Стефан Лазаров со Драган Павловиќ-Латас емитувано на 15 февруари. Од Обвинителството велат дека предметот веќе бил распореден кај обвинител.
Извор: Фронтлајн