Лидерот на ДУИ Али Ахмети, со партиски трибини и одговори на „огнената“ група составена од пратеници, градоначалници и високи партиски функционери а која бара смена на Артан Груби.
Од Гостивар Ахмети им порача на „огнените“ дека нема да го менува Артан Груби.
„Десет години сакаа да го тргнат Муса Џафери од вицепремиер, јас не го сменив, затоа што ја почитувам волјата на мнозинството, инсистираа Абдулаќим да биде сменет од вицепремиер, но јас не го отстранив затоа што ја испочитував волјата на мнозинството.
Сега велат, тргни го Артан, ви велам нема да го сменам затоа што тоа е одлука на мнозинството“ порача лидерот на интегративците.
Претходно, пратеникот и потпретседател на ДУИ Изет Меџити кој е неформален фронтмен на огнената група, во интервју за Радио Слбодна Европа истакна дека Груби функционира како клан, а Ахмети е негов заштитник.
„Впечатокот на членството е дека Груби функционира како клан, и Ахмети е како заштитник на тој клан“ изјави Меџити, додавајќи дека Груби, но и Бујар Османи се „последните војници“ на Никола Груевски.
Досега Ахмети и огнената група, јавно имаа две средби со цел надминување на разликите, но иако првичниот впечаток беше дека несогласувањата се решени, сепак „огнената стихија“ се уште трае во Мала Речица.
Не само што нема доближување на ставовите, туку се добиве впечаток дека ситуацијата дополнително ескалира.
Јавна тајна е дека пратениците дел од огнената група можат во секој момент да откажат послушност на партијата и да дејствуваат независно, слично да постапат и дел од градоначалниците особено оние во скопските општини.
Така слично постапија советниците во Град Скопје кои без насока од централата прејдоа во коалиција со Данела Арсовска, а кадри на ДУИ добија директорски позиции.
Со ваквите односи во ДУИ дополнително се проблематизира процесот на уставните измени, но и стабилноста на парламентарното мнозинство и работата на Собранието кое се соочува со постојани блокади.