Во јавноста две работи се важни да се кажат, првиот, дека здравствените работници не добиваат редовно плата, вториот факт, е дека нешто не е во ред со ФЗО, односно дека Фондот нема пристап до податоците на осигурениците, зошто е тоа така не знам. Дали е хакерски напад, дали е не знам каков нападат, дали е нешто трето или итн, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за крахот на ФЗО и здравствениот систем за време на посетата на Свети Николе.
За што станува збор, рече Мицкоски, не знам и јас не би можел сега од оваа призма да кажам. Но, додаде тој, знам едно дека таму работат неспособни директори кои никој не ги повика на одговорност и од ДУИ и од СДСМ.
„Заштитени се и наместо обвинителството да се позанимава со овој случај, обвинителството бега како ѓавол од темјан од целата оваа работа”, посочи Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНе укажа „изминатиов период шајка не забодеа, пет и пол години се власт, ниту изградија нешто, ниту реновираа нешто, камо па клинички центар.
„Единственото нешто што го направија го расикнаа договорот со изведувачот за клиничката болница во Скопје за кој граѓаните сега треба да плаќаат 20-тина милиони евра отштета на компанијата. Да заклучам здравството не ни е на пат кон пропаст, туку здравството ни е пропаднато. Тоа е суштината и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во овој случај дека тие треба да го добијат она што им е изработено”, посочи Мицкоски.