Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беше дел од свеченоста по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Во своето обраќање пред присутните, Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на мајчиниот јазик, истакна дека во годината кога одбележуваме 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик и 120 години од излегувањето на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков, одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, добива посебно значење.
„Македонскиот јазик е нашиот идентитет, темелот и срцето на нашата нација. Имаме должност да го негуваме, да го заштитиме како наше најголемо духовно и културно наследство. Чествувањето на овој ден, кој е посветен на лингвистичката и културната разновидност и мултилингвизмот, е уште една можност да потсетиме на важноста на нашиот јазик, но и на македонската култура воопшто. Затоа што и ние, Македонците, нашиот мајчин јазик го вреднуваме како културно наследство, кое ниту се одзема ниту се дава ниту се подарува“, истакна Костадиновска-Стојчевска.
Владата и Министерството за култура, како што рече министерката за култура, во изминатиот период реализираа многу проекти преку кои покажаа грижа, љубов и почит кон нашиот мајчин, македонски јазик.
Таа потсети дека е веќе завршен еден капитален и исклучително значаен проект за дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик и информираше дека годинава ќе добиеме и нов Закон за употреба на македонски јазик.
„Годинава ќе добиеме и нов Закон за употребата на македонски јазик, со кој ќе ги зацврстиме механизмите на чување, негување, ширење и афирмација на стандардниот македонски јазик. Во оваа пригода им благодарам на вработените во Министерството за култура и на членовите на Советот за македонски јазик, кои посветено и студиозно пристапија кон изработката на квалитетно и модерно законско решение. Им благодарам и на сите професори, познавачи на македонскиот јазик, кои на јавната дебата дадоа конструктивни забелешки со кои се дооформи предлог-текстот на Законот, кој наскоро треба да влезе во владина процедура, а потоа конечно да биде усвоен од Собранието“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека денес, кога македонскиот јазик е рамноправен и во комуникацијата во Европската Унија, треба да работиме посветено за да му обезбедиме долговечност на нашиот мајчин, македонски јазик. Во тој контекст, таа додаде дека Министерството за култура, преку Годишните конкурси за поддршка на проекти од национален интерес и преку другите механизми, е доследно на оваа цел, поддржувајќи неколку проекти на Институтот за македонски јазик преку кои достојно ќе биде одбележан неговиот седумдецениски јубилеј и посветеноста во зачувувањето и промовирањето на македонскиот јазик.