Германија доживеа шок, речиси идентично како и Аргентина, во првиот натпревар на Светското првенство во Катар. „Панцирите“ имаа предност од 1:0 против Јапонија на полувремето со голот од пенал на Илкај Гундоган, но во вториот дел примија два гола и на крајот беа поразени со 1:2.
Германскиот селектор Ханси Флик не го криеше разочарувањето по натпреварот.
„Брутално разочарување. Имавме 78 % од посед на топката во првото полувреме, во вториот дел имавме многу шанси, кои не ги искористивме. Јапонија очигледно не победи со подобра ефикасност. Направивме индивидуални грешки, кои не треба да се направат. Знаевме дека Јапонија е брза во транзиција и така нè добија“, изјави Флик.
Следни ривали на Германците ќе бидат Шпанија и Костарика.
„Мораме да гледаме напред и ќе го направиме тоа. Има уште шест бода во натпреварувањето во групата. Сакаме да ги освоиме и ќе работиме на тоа“, истакна германскиот селектор.