Продолжува инвестицискиот процес на општина Кисела Вода за унапредување на условите за децата во градинките. Градоначалникот Ѓорѓиевски, придружуван од директорката на ЈДГ “8 Март”, денес го посети објектот “Пеперутка 2” во Драчево, каде се извршија градежни зафати за преадаптација на кујната и пералната, се изврши промена на електричната инсталација, се подобри енергетската моќност на објектот, а во моментов се врши набавка на современа кујнска опрема. Во клоновите “Расадник” и “Пржино”, пак, беше извршена промена на врати и прозорци. Се работи за инвестиција вредна околу 7.245.000,00 денари, кои за овие неколку месеци се вложија во објектите на ЈДГ “8 Март”.
-Го продоложуваме континуитетот на унапредување на условите за децата од предучилишна возраст, со инвестирање во градинките каде најмладите го поминуваат поголемиот дел од секојдневието. Со задоволство сакам да истакнам дека во изминатиот период вложивме 7.245.000,00 денари во објектите на ЈДГ “8 Март”, каде согласно потребите, се интервенираше со повеќе различни градежни зафати. Денес сме во објектот “Пеперутка 2” во Драчево, каде се одвиваа голем дел дел од активностите, како, на пример, промена на електричната инсталација и целосно подобрување на енергетската моќност на објектот, извршивме преадаптација на пералната и кујната која сега ја опремуваме и со современа кујнска опрема. Со цел подобрување на енергетска ефикасност, во објектите “Расадник” и “Пржино” ги заменивме вратите и прозорците, а претходно вакви и слични зафати изведовме и во објектите на другата јавна детска градинка “Весели Цветови”.
Анализите за потребата од дополнителни инфраструктурни зафати, во сите останати градинки на територија на општина Кисела Вода се дел од еден континуитет кој ќе продолжи, бидејќи како градоначалник цврсто стојам на ветеното, да го подигнам стандардот на услугата и квалитетот на предучилишното воспитание и образование, паралелно работејќи на отворање на нови градинки и проширување на капацитетите на постојните-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.