Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов вечерва во емисијата „Само вистина“ на „Канал 5“ изјави дека повеќе институции работат на откривањето на испраќачите на стотиците лажни дојави за бомби во македонските училишта и јавни објекти.
Ангелов вели дека ова нанесува економска штета, а прави проблеми и на образовниот процес. Но, тој вели дека граѓаните ќе отрпнат на ова и дека дел од нив веќе воопшто не се плашат, затоа што знаат дека дојавите за бомби се лажни.
-Ако сега отидам дома и ако ми јават дека во зграда има дојава за бомба, нема да излезам, ќе гледам телевизија, надвор студи, рече Ангелов.
Aнгелов вели дека овој „хибриден напад“, како што го нарече, не е случаен и дека државата е „таргетирана“.