Во гимназијата „Георги Димитров“ во Скопје денеска ќе се одржи трибина на тема „Безбедноста во училиштата – градење механизми на превенција од ризици и рано предупредување“ во рамки на научно-истражувачки проект на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„-Скопје.
Поздравно обраќање ќе има ректорот на УКИМ-Скопје проф. д-р Никола Јанкуловски, а говорници ќе бидат проф.д-р Марјан Ѓуровски од Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет-Скопје на УКИМ, проф.д-р Татјана Стојановска Иванова од Институтот за социологија при Филозофскиот факултет на УКИМ и проф.д-р Софија Геогиевска од Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на УКИМ.
Со проектот ќе бидат опфатени ученици од основни и средни училишта на територија на Град Скопје и во државата. Во рамки на трибината ќе се зборува за безбедносните ризици од лажните дојави за бомби во училиштата, како и безбедносните ризици над учениците.
Целта на проектот e подобрувањето на севкупната и личната безбедност на учениците во образовно – воспитните установи и намалување на сите облици и типови на насилство меѓу учениците.
Во неколку основни и средни училишта ќе биде спроведено истражување, разговор и интервјуа со фокус групи на ученици, наставници, родители и носители на одлуки, а ќе се одржат и работилници и ќе се формираат клубови за превенција кои ќе се состануваат определен ден во неделата и на тие средби ќе се одржуваа едукативни работилници.