„Гласен Текстилец“: За мобинг на работното место лани поднесени 48 пријави

Четириест и осум пријави се поднесени минатата година за мобинг на работно место, од кои 33 во јавниот, а само 15 во приватниот сектор. Овие бројки сугерираат на фактот дека мобинг или вознемирување на работно место постои ама ретко се пријавува.

Вработените стравуваат дека тоа негативно ќе влијае врз нивното идно работење, истакнаа експертите и учесниците наденешната  конференција на која се презентираа резултатите од „Истражувањето за начинот, опсегот и влијанието на вознемирувањето врз жртвите на мобинг“, кое е реализирано од страна на „Гласен Текстилец“-Штип.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ истакна дека истражувањата покажуваат дека најголема пречка и проблем е докажувањето на мобингот, затоа и во пракса има само две потврдени судски пресуди на нивно на држава.

-Тажно е уште тоа што, ние како држава, може да се пофалиме само со две судски постапки за мобинг. Значи, говориме за докажани судски постапки во првостепена и второстепена истанца и во двете се работи за јавен сектор, вели  Ампева.

Фросина Серафимовска од Државниот инспекторат за труд (ДИТ) истакна дека како инспекторат  има превентивна улога и во законски предвидениот рок постапуваат по добивањето на пријавата.

-До нас како институција, работниците во секој случај и во секое време можат да поднесат пријава, претставка или барање за извршување на вонрден инспекциски надзор, доколку сметаат дека одредено право, односно, во овој случај истите се изложени на мобинг од страна на работодавачот, каде што работат. Инспектори кои работат на терен постапуваат по нив, во однос на тоа дали ќе се утврди повреда или нема да се утврди повреда по поднесената пријава од страна на работниците, изјави Серафимовска.

Од Министерството за труд и социјална политика сметаат дека е потребно ново законско решение, за заштита и спречување од вознемирување на работа. Од таму се надеваат дека нема да има недостатоци во новиот Закон, кој е во изготовка  и ќе се стави крај на вознемирувањето на работно место.

– Следната година ќе имаме Закон, кој што ќе ги има во предвид сите оние недостатоци на посточекиот Закон. Она, шест месеци чекање на постапката, водење на евиденција, предупредување на моберот, сето тоа нема да влезе во новото законско решение, затоа што вознемирувањето може да биде еднократно, а да има многу поголеми последици, отколку да биде повторувано или да биде долготрајно, вели Светлана Цветковска од Министерството за труд и социјална политика.

Маја Ристова адвокат, која и беше вклучена во изготовка на новиот Закон за мобинг се надева дека предлозите кои таа ги дала, но и препораките од ова истражување ќе се земаат во предвид од страна на Министерството за труд и социјална политика. Посочи дека во тек се судски постапки за мобинг. Во рамките на истражувањето анкетирани беа над 900 текстилни работнички, кои потврдуваат дека мобинг има на работните места, но тешко се докажува и затоа и не се пријавува од нивна страна, бидејќи има страв дека ќе го загубат работното место. 

Треба да знаете
Последни објави