Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека земјата ја продолжува успешната трансформација кон зелена енергија и годинава со тоа што продолжуваат инвестициите во централи за производство на електрична енергија од обновливи извори. Овие инвестиции треба да ѝ обезбедат на Република Северна Македонија поголемо производство на струја и енергетска независност на земјата.
„Само во 2022 година се изградени електроцентрали и пуштени во употреба и произведуваат електрична енергија со можност од 152 мегавати инсталиран капацитет што произведуваат електрична енергија од обновливи извори. Регулаторната комисија за енергетика, минатата година издаде 267 дозволи за производство на зелена електрична енергија. Овие инвестиции имаат значаен придонес во енергетската трансформација и независност.
Овие нови централи што произведуваат струја од сонце, ветер, вода и биогас што се изградени за една година се еднакви со енергетските капацитети кои се граделе со години како ХЕЦ Козјак, ХЕЦ Св. Петка и ветерниот парк Богданци. Тоа што е правено со години, сега е направено за само една година. Со инсталираниот капацитет на овие 152 мегавати, само во 2022 година може да се задоволат и се задоволуваат потребите на 65.700 домаќинства кои имаат просечна потрошувачка на електрична енергија. Односно од овие капацитети од обновливи извори може да се задоволат потребите на домаќинствата од шест градови од земјава, како на пример, Охрид, Тетово, Кратово, Крушево, Крива Паланка и Свети Николе. Капацитет, направен, инвестиран и ставен во мрежа само во 2022 година”, рече премиерот Ковачевски.
Премиерот истакна дека со измени во Законот за градење се поедноставија процедурите за поставување на фотонапонски централи кои претходно траеа со месеци и која што претставуваше најголема пречка за инсталирање на фотонапонски централи на домаќинствата.
„Инвеститорите се сега должни само да ја известат Општината и да ги достават потребните документи со основниот проект за централата која што ја прават од овластена фирма. За правни лица ќе биде потребен извод од Централен регистар, а за физички лица копија од лична карта, потоа имотен лист за објектот на кој се поставува и основен проект за изведување на централата која што сакаат да инвестираат во неа. Контролата дали се поставени фотоволтаици како што е предвидено со проектот ќе ја вршат општинските инспектори”, рече Ковачевски.
Премиерот посочи дека од почетокот на 2022 година кај македонските компании владее огромен интерес за инвестирање во фотоволтаични електрани. Во 2019-тата за споредба имало 35 нови фотонапонски електроцентрали со моќност од 5,8 мегавати, во 2020-тата се 29 со инсталирана моќност од 7 мегавати, додека пак во 2021 година имало 48 електрани со моќност од 14 мегавати.
Најголем интерес има за производство на електрична енергија од фотонапонски електроцентрали, потоа за електроцентрали на биогас, како и за електроцентрали кои што произведуваат електрична енергија од вода. Значи сите од обновливи извори на енергија.
„Во периодот кога беше најскапа електричната енергија, поради фотоволтаиците имавме електрична енергија која што на крај доведе да имаме најевтина електрична енергија во регионот”, рече Ковачевски.