Предлог законот за дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните, треба да придонесе за поголема благосостојба на животните и заштита на граѓаните и нивниот имот од несовесни фармери, беше речено на денешната седница на собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Николче Бабовски образложи дека промените во законот се честите проблеми со неодговорно сопствеништво, односно необезбедена благосостојба на животните, што ги одгледуваат фармерите.
-Просто и класично кажано, доколку има објект што располага со капацитет, условно речено десет грла говеда, тој одгледува 30 или 40 грла говеда. Досега им дававме можност на таквите сопственици, вишок на грла спогодбено да ги продадат, но имаше голем дел што не ја обезбедуваа таа благосостојба што треба да ја обезбедат според закон, ги пуштаа и тие животни стануваа полудиви, нанесуваа одредени штети пред сѐ по посевите, но имаше случаи и каде што имаше напад и на лице, појасни Бабовски.
Заради тоа што досегашните глоби што законот ги предвидува се многу минимални, како што истакна Бабовски, имало случаи и на секојдневни вакви казнувања.
Со одредбите на предложените дополнувања на овој закон се дава можност при вршење на работите на инспекциски надзор официјалниот ветеринар на физичкото и правно лице да му изрече посебна прекршочна мерка. Исто така, предвидено е и одземање на животните за сторени прекршоци во случај кога одгледувачите и/или сопствениците на животни не обезбедиле заштита и благосостојбата на животните кои се под нивна грижа и не спречиле нанесување непотребна болка, страдање или повреда, како и кога не обезбедиле соодветни услови за животните и не ги исполниле условите од одредбите за заштита и благосостојба на фармските животни на овој закон.
Целите што се постигнуваат преку понудените решенија за предлог дополнувањата во овој закон, како што се истакнува, се во насока на подобрување на благосостојбата на животните, обезбедување на поголем степен на грижа кај одгледувачите и/или сопствениците, репресирање на можноста нанесување на непотребна болка, страдање или повреда кај животните, подобрување на почитувањето на законските одредби за обезбедување на соодветни услови за животните преку зајакнување на прекршочната политика. Со предложените законски решенија превентивно ќе се влијае на одгледувачите и/или сопствениците при нивната грижа за животните.
Комисијата за земјоделство шумарство и водостопанство го проследи Предлог законот за дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните во понатамошна постапка во Парламентот.