За да има задоволни работници потребно е да постојат здрави компании кои ќе работат во економско и деловно опкружување каде ќе има рамноправни услови за сите деловни субјекти. Предлог текстот на новиот закон за работни односи во ваква форма во која е даден е конфузен, не разбирлив и не применлив, посебно во делот на уредување на договорите. Сојузот истакнува мислење дека не треба да има ограничување на број на анекси и скратување на времето на договор на определено време. Се соочуваме со недостаток на квалификувана работна сила која е многу мобилна и со наметнување на потешки правила, само го комплицира функционирањето на компаниите.
Потребата од комплетно нов закон за работни односи е одамна утврдена, но измените кои се прават мора да се одраз на современите трендови на пазарот на трудот и динамичните односи меѓу работната сила и работодавачите, истакнува Сојузот на стопански комори на Македонија.
Како спорни во предложеното решение ги наоѓаме и членовите од законот, каде се бара 100 процентно покривање на платата и во услови кога правното лице не работи, што преставува нелогично и тешко остварливо решение и може негативно да се одрази на понатамошно продолжување со работа. Исто така се уште не се дефинирани условите и начинот за тоа, кој ќе ги сноси трошоците за дополнително родителско отсуство.
Сојузот на оваа тема оствари комуникација и со синдикатите при што се доаѓа до заклучок дека од текстот на новиот закон кој е на јавна расправа не се задоволни ниту работодавачите ниту синдикатите. Основата е на база на стари услови, а врз база на истите се вметнуваат промени кои не може да ги отсликаат современите трендови на работење и на овој начин не се постигнува она кое треба да биде темел на работењето на секоја компанија.
Исто така ја акцентираме и потребата паралелно со овој процес да се преземат и сериозни дејствија за намалување на сивата економија и за создавање на услови за здраво, предвидливо работење и инвестирање во инфраструкурата и капиталните позиции.
Предложениот текст на законот има потреба од значајна доработка за да биде применлив во ново создадените услови за работа, а во текот на транспарентниот процес на јавни расправи има предлози кои даваат значаен инпут во позитивна насока.