Најмалку 54 лица загинаа во лизгање на земјиштето и поплави по обилните дождови кои ги опустошија крајбрежните области на југоисточната бразилска држава Сао Паоло, покажуваат новите податоци на официјалните претставници.
Обилните врнежи викендов предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави во крајбрежните градови во југоисточниот дел на Бразил, а бројот на жртвите објавен денеска е поголем за четири од претходно објавените податоци. Дури 53 од загинатите се регистрирани во градот Сан Себастијан.
Владата на Сао Паоло во соопштение наведе дека денеска се очекуваат повеќе врнежи и предупреди на нови опасности од лизгање на земјиштето и поплави, додека траат операциите за пребарување и спасување, а десетици луѓе се уште се водат како исчезнати.
Повеќе од 4.000 луѓе мораа да ги напуштат своите домови, се додава во соопштението.
Повеќе од 600 милиметри дожд паднаа во крајбрежниот регион на оваа најбогата држава во Бразил, што според наводите на Владата, е највисоката кумулативна бројка во земјата досега.
Брод на бразилската морнарица вчера пристигна во Сан Себастијан за да помогне во згрижувањето на жртвите.
Бродот ќе служи како теренска болница за итна помош, а опремен е со хеликоптери и возила, како и со болнички кревети, соопштија властите кои најавија работа на обнова на погодената област, пренесува Ројтерс.