Москва високо ги цени напорите на Кина да придонесе за мирно решавање на украинскиот конфликт, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во врска со планот од 12 точки што беше објавен претходно денеска во Пекинг.
Таа додаде дека Москва ги дели ставовите на Пекинг за украинската криза.
„Во однос на украинската криза, Русија е отворена за остварување на целите на специјалната операција на руската армија преку политички и дипломатски средства. Тоа подразбира прекин на испораката на западно оружје и испраќање платеници од Запад, крај на непријателствата, враќање на Украина во неутрален статус, признавање на нови територијални реалности создадени како резултат на реализацијата на правото на народот на самоопределување, демилитаризација и денацификација на Украина, како и елиминација на сите закани кои доаѓаат од нејзините територии“, изјави Захарова.
„Ние сме посветени на принципите на почитување на Повелбата на ОН, нормите на меѓународното право, вклучително и хуманитарното право, неделивоста на безбедноста, според кои безбедноста на една земја не смее да се зајакне на сметка на безбедноста на друга држава. , што е применливо и за безбедноста на одредени групи држави. Како и нашите кинески колеги, ние сметаме дека сите рестриктивни мерки кои не се одобрени од Советот за безбедност на ОН се нелегитимни. Тоа е брутален инструмент на нелојална конкуренција и економска војна, изјави портпаролката на руското Министерство.
Захарова додаде дека на граѓаните на Украина, вклучително и на населението што зборува руски, мора да им се гарантираат сите неотуѓиви права, како што е правото да зборуваат и да се образуваат на својот мајчин јазик.
„Неопходно е да се укинат сите незаконски рестриктивни мерки и да се повлечат политизираните тужби пред меѓународните судски инстанци. Убедени сме дека напредокот во оваа насока води кон сеопфатен, праведен и одржлив мир“, заклучи Захарова.
Министерството за надворешни работи на Кина претходно денеска објави документ од 12 точки во кој детално е опишан ставот на Кина за решавање на конфликтот во Украина, а најважна точка е итен прекин на непријателствата и преминување кон мировни преговори.