Зимската бура во САД се засили денеска над Калифорнија, што го поттикна првото предупредување за снежна бура за делови од областа на Лос Анџелес во последните 30 години, јавува Ројтерс.
Силни снежни виулици и дождови покрај Калифорнија ги погодија и другите сојузни држави во западниот дел на САД, при што илјадници луѓе премрзнаа до смрт во Мичиген поради прекини на електрична енергија по една од најтешките зимски бури во последните децении, додека во Портланд, Орегон претходно оваа недела, нивото на снег достигна 25 сантиметри.
Најголем дел од снегот во Калифорнија падна во Каскадите, Сиера Невада и крајбрежните планини, но дури и жителите во ниските области на централниот брег на Калифорнија и областа на заливот Сан Франциско се разбудија во петокот наутро со снег, пренесува Танјуг.
„Тоа не е вообичаена појава, а Сан Франциско исто така го собори рекордот стар 132 години за најниска температура досега забележана на 24 февруари, бидејќи живата падна на 4 степени Целзиусови во петокот наутро, еден степен пониска од претходниот рекорд поставен во 1891 година“, се вели од Националната метеоролошка служба.
Невремето, кое се засили во петокот, се очекува да продолжи над Калифорнија и во текот на денешниот ден, соопштија метеоролозите.
Округот Лос Анџелес издаде предупредување за снежна бура за планините Сан Габриел северно од градот во петокот, прво во регионот од 1989 година, со прогноза од 60 до 152 сантиметри снег над 1.370 метри надморска височина, соопшти метеоролошката служба.
На некои места снежните наноси би можеле да достигнат и над два метри, со налети на ветер до 96 километри на час.
Обилните дождови се уште еден проблем во другите делови на окрузите Лос Анџелес и Вентура, каде вчера беше издадено предупредување за поплави, откако синоптичарите предвидеа силни врнежи од дожд во многу делови на Калифорнија денеска, јавува Ројтерс.