Тутунопроизводството се вбројува меѓу најбитните гранки во земјоделството што носи голем девизен прилив на државата и солидна заработка на тутунопроизводителите.
Оваа година поради помалото производство и напорите на Владата во преговорите со фирмите за да се зголемат цените со анекси пред почеток на откупот се доби релативно добра цена.
Дел од тутунарите кои меѓу првите го предадоа тутунот и на кои тутунот им беше проценет по пониска класа, сега бараат да им се исплати разлика во однос на цената која тие ја добиле и цената за прва класа, бидејќи поголем дел од тутунот во продолжение на откупната сезона беше откупуван во прва класа. Побаравме одговор во однос на ова прашање од директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски.
„Беспредметно е да се разговара во однос на тоа, бидејќи секоја година е иста ситуацијата и тутунарите го знаат тоа. Секоја година се почнува со одредена цена, се завршува со одредена цена, со пик во некој момент.
Откупувачот на тутун утврдува план за динамика на планираните количини за откуп на тутунот од тековната реколта по региони и по производители пред почетокот на откуп и по истиот тутунопроизводителите треба да се придржувааат. Откупувачот на тутун е должен, во реален временски период, да ги извести писмено производителите на тутун со кои склучил договор, за деновите на преземањето на тутунот, а доколку е спречен да го достави тутунот во определениот термин, откупувачот на тутун му определува друг термин. Меѓутоа најголем дел од тутунопроизводителите имаат склучено договор со повеќе откупувачи и самите одредуваат каде, кога и колкава количина од произведениот тутун ќе предадат на одредена компанија, вели Станкоски.
Годината беше релативно успешна, откупот заврши, сега започнува новата реколта и веќе е во тек склучувањето на договори, а Станкоски како новост за годинава наведе дека уште една сериозна фирма ќе влезе во откуп на тутун. Тој нагласува дека влезот на уште една компанија откупувач многу ќе придонесе за уште поголема конкурентност на пазарот за тутун и зголемени откупни цени.
Периодот за договарање започнува од кога откупувачите ќе достават барање за мислење со предлог договор до Највисоката асоцијација на тутунопроизводителите, а законски најдоцна до 20 февруари.
Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот јавно да ја објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот на тутун и на локалната веб страница на откупувачот доколку истата постои.
Доколку највисоката ацоцијација даде негативно мислење потребно е сите засегнати страни, а во овој случај откупувачите со тутунопроизводителите да најдат заедничко решение за усогласување и надминување на проблемите. Бидејќи со неизнаоѓање на заедничко решение во догледен период може да дојде до намалување на заинтересираност за производство на тутун, а тогаш губат и двете страни.
На тутунопроизводителите останува да размислат, да донесат одлука и доколку сметаат, да ги потпишат договорите .
„Упатувам повик до тутунарите добро да ги разгледаат договорите, да размислат и нивна одлука е дали ќе ги потпишат или не“. Само потпишан договор од двете страни е легитимен договор. По потпишувањето на договорот Откупувачот е должен веднаш да ги внесе податоците во електронскиот систем (ИСЕТ) кој го води МЗШВ“, вели Станкоски.
Откупувачот е должен по завршувањето на крајниот рок од склучувањето на договорите, a тоа е 31 март, до подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство одговорна за подрачјето на производство, во рок од десет работни дена, да достави список на сите склучени договори во електронска форма и по еден примерок од секој склучен договор.
„Земјоделците да не потпаѓаат на шпекулации. Инспекторатот, советодавните служби, АПРЗ, сите институции се отворени за соработка. Тука се институциите, нека повелат, нека прашаат, сè ќе им биде објаснето. Нека се интересираат за сè, а не да веруваат во сè што ќе слушнат и што ќе прочитаат по социјалните медиуми. Кој и да ни прати претставка за што и да е поврзано со нашата дејност ние излегуваме на терен и сме должни да постапиме по секој предмет. На веб-страницата имаме можност и за анонимни претставки така што секој може да ни се обрати.“, порача Станкоски.
Извор: Агротим