Македонската кошаркарска репрезентација ќе игра во квалификациите за ЕП 2025, откако вечерва во Осло, во решавачкиот меч ја растури Норвешка (79:41). За „црвено-жолтите“ ова беше петта победа во шестиот меч од претквалификацискиот циклус, што значеше второ по ред учество во последната фаза од квалификациите за ЕП. Македонската репрезентација победата ја најави уште во првата четвртина, кога брз и лесно дојде до двоцифрена предност (24:12), која до крајот само ја зголемуваше.
Избраниците на селекторот Александар Јончевски потврдија дека и без најдобрите во моментов, Ненад Димитријевиќ и Андреј Јакимовски, се најдобри во предквалификацискта група. Американецот Ти-Џеј Шортс беше вистинскиот лидер на македонската чета со учинок од 22 поени, шест скока и пет асистенции, додека веднаш зад него беше Војдан Стојановски со 16 поени и пет скока.
Во квалификациите за ЕП 2025 ќе учествуваат 32 селекции поделени во осум групи со по четири национални селекции, а пласман на континенталниот собир ќе обезбедат по трите најдобри репрезентации. Домаќините Кипар, Финска, Летонија и Полска имаат сигурна проодност од групите во кои ќе се најдат без разлика на пласманот, заедно со двете најдобро пласирани во групите. Натпреварите ќе се играат во четири циклуси и тоа ноември 2023, февруари и ноември 2024 и февруари 2025 година.