Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го освои завршниот Мастерс турнир во Торино, откако во финалето го совлада Каспер Руд со 2:0 во сетови (7:5, 6:3). Тој по шести пат во кариерата го крена трофејот на турнирот за „осумте најдобри“ што воедно означува и крај на сезоната. Притоа се израмни на вечната листа по бројот на титули со неодамна пензионираниот Швајцарец, Роџер Федерер.
Ѓоковиќ претходно го освои завршниот Мастерс во 2008, 2012, 2013, 2014 и 2015 година во три различни градови. Пред Торино тој славеше еднаш во Шангај и четири пати во Лондон.
Србинот очигледно имаше проблем со повреда во првиот сет, но на крајот го освои со 7:5 во гемови. Во вториот сет, продолжи со добра игра и го комплетираше со 6:3.
Ѓоковиќ оствари пет победи во Торино и заработи 1.500 АТП поени. На турнирот ги победи Циципас, Рубљов, Медведев, Фриц и на крајот Руд.