Американската компанија за пиво „Бадвајзер“ (Budweiser), еден од официјалните спонзори на Светското првенство во фудбал, се најде во неволја поради забраната на Катар да се служи алкохол на сите стадиони. Затоа се одлучиле на интересен маркетиншки потег.
Поради забраната за послужување алкохол на стадионите во Катар, Бадвајзер сега може да служи само безалкохолно пиво и затоа на својот Твитер објави дека ќе ги донира сите залихи од пиво што му беа доставени во Катар на победникот на Светското првенство.
„ Нов ден, нов твит. Победничкиот тим ќе добие пиво. Кој ќе го освои?” се вели во објавата на Бадвајзер на Твитер.
Бадвајзер требаше да обезбедува пијалоци на стадионите и фан зоните во Катар, но челниците на ФИФА попуштија под притисок на катарските власти и потврдија дека алкохолот нема да се продава на ниту еден стадион, што би можело да ја чини компанијата за пиво колку 40 милиони фунти.
Илјадници лименки пиво „Бадвајзер“ беа оставени неискористени и натрупани во складиште во Доха, откако претставниците на ФИФА, во разговори со организаторите на Светското првенство во Катар, одлучија 48 часа пред почетокот на Светското првенство да не се служат алкохолни пијалоци, што ја поттикна компанијата да бара компензација од ФИФА.
Бадвајзер требаше да се служи во навивачките области околу секој стадион, но не и на трибините на стадионот или на теренот. Тоа е лоша вест за спонзорот, кој моментално има договор вреден околу 65 милиони фунти со ФИФА за ова Светско првенство, како и за Светското првенство во 2026 година во Мексико, Канада и САД.